Шведскиот производител на батерии драстично го намалува бројот на вработени

Шведскиот производител на батерии „Ново Енерџи“ објави дека ќе ја преполови својата работна сила за да ги намали трошоците, по знаците за намалена побарувачка за електрични автомобили од неговиот сопственик „Волво Карс“.

„Направивме сè што е во наша моќ да го заштитиме бизнисот и да започнеме со потрага по соодветен нов партнер, но моменталните економски предизвици и пазарните услови не ни дозволуваат да го одржиме бизнисот на сегашното ниво“, изјави извршниот директор на „Ново Енерџи“, Адриан Кларк.

Примарната долгорочна цел е сè уште производство на батерии во областа Гетеборг со нов технолошки партнер, соопшти менаџментот.

Сопственик на „Ново Енерџи“ е „Волво Карс“, кој во февруари 2025 година презеде повеќе од половина од сопственичкиот удел на „Нортволт“, вклучувајќи го и планот за изградба на фабрика за батерии во Гетеборг, за симболична сума.

Во март, „Нортволт“ објави банкрот во својата матична земја, Шведска, а стечајниот управник објави дека ќе продолжи да работи, но во намален обем.

Продолжувањето на бизнисот ќе биде клучно за продажбата на бизнисот како целина или на некои негови делови, изјави во таа пригода стечајниот управник Микаел Кубу од „Акордсцентрален“.

„Волво Карс“ вчера објави дека продажбата на автомобили во април се намалила за 11 проценти во споредба со истиот период минатата година. Продажбата на електрични автомобили на батерии се намали за 32 проценти, објави Хина, по пад од 29 проценти во периодот од јануари до март, според податоците објавени пред еден месец.