Си Џинпинг ризикува да ја урне кинеската технолошка куќа од карти

153

Кинескиот претседател Си Џинпинг има за цел да ја измени втората по големина економија во светот. Но, тој мора да дејствува деликатно во овој потфат, во спротивно ризикува да ја уништи кинеската технолошка централа, чија изградба траеше четири децении и е во срцето на кинескиот економски бум, според „Nikkei Asia Review“.

Безбедноста на податоците, заштитата на доверливоста, ограничувањето на монополите и општиот просперитет се достојни цели, но границата помеѓу пазарната дисциплина и нејзиното нарушување е исклучително тенка. Досега, напорите на Пекинг да го скроти технолошкиот сектор не само што беа контроверзни, туку и покажаа дека властите ја заборавиле историјата.

Во позадина на делумната технолошка поделба меѓу САД и Кина, таквата конфузија има потенцијал да предизвика вистинска штета за иднината на технолошкиот сектор во Кина.

Главната заблуда за тоа како Кина го подобрува технолошкиот дел од својата економија е дека тоа е резултат на владина поддршка и индустриска политика, со термини како што е државниот капитализам кој често станува популарен кога експертите разговараат за „импресивната“ технолошка моќ на Кина. Ова се истите термини што се користат за да се оправдаат американските планови да потрошат стотици милијарди долари за да ги стимулираат сопствените иновации за да ја надминат Кина.

Историјата покажа дека државната поддршка, барем, не секогаш го давала посакуваниот резултат. Кинеската индустрија за полупроводници е пример за децениска тешка владина интервенција што не успеа да ги постигне своите цели.

Владините субвенции, наместо да произведуваат национални „шампиони“, честопати поддржуваат неодржливи, од комерцијална гледна точка, „зомби“ компании и доведуваат до жестоки ценовни војни, што на крајот го забавуваат развојот на овој сектор. Генерално, истражувањата покажуваат дека иако индустриската политика во Кина го подобрува производството, додека одредена политика е насила, нема докази дека производството продолжува да се зголемува, откако државната поддршка постепено ќе се повлече. Ова доведува до губење на инерција.

Највредните технолошки компании во Кина, вклучувајќи ги Alibaba Group Holding, Tencent Holdings, ByteDance и Meituan, се основани од индивидуални претприемачи и финансирани преку ризичен капитал. Всушност, негрижата на владата, наместо активната државна поддршка, го отвори патот за стабилен раст на овие компании.

Токму истите компании – победниците, што преовладуваа на високо конкурентниот пазар – ја формираат главната сила на кинеската технолошка индустрија. Тие го претставуваат најнапредниот сегмент од кинеската економија и нивните способности ги достигнуваат, па дури и ги надминуваат, нивните конкуренти во странство.

Покрај успехот на кинескиот модел за копирање во секторот за е-трговија, технолошките достигнувања на Кина се нуспроизвод на миграцијата во глобалниот синџир на снабдување. Меѓународните компании кои ги прераспределуваат своите ланци во Кина создадоа глобално седиште, на чие чело стојат технолошки имиња како што се Xiaomi, Vivo, Midea, Lenovo и производителот на дронови DJI.

Сепак, политичарите во Пекинг ги игнорираат лекциите од неодамнешното минато. Случаите за купување удели во кинеските технолошки компании, назначување сопствени директори и застапување за тоа како приватното претпријатие може да помогне во постигнувањето на политичката цел за заеднички просперитет, на крајот може да им наштети на самите механизми, кои се вистинските двигатели на технолошкиот напредок на Кина.

Болните сеќавања за неуспешните проекти за полупроводници предводени од државата во 1990-тите, ги покажуваат ризиците од владина интервенција кога станува збор за деловното работење. Кога се развиваат вакви програми, често е невозможно да се предвиди каде Пекинг ќе треба да интервенира и кога ќе запре. Кога глобалните синџири на снабдување и придружното знаење ќе престанат да мигрираат во Кина, локалниот технолошки сектор ќе се соочи со поголеми пречки за своја надградба.

Иако технолошкиот сектор во Кина отсекогаш функционираше со одредена политичка несигурност, комплицираниот ефект од неодамнешните акции на владата претставува вистинска закана за начинот на кој Пекинг ќе управува со секторот во иднина. Глобалната конкурентност на кинеските технолошки компании веќе се влошува. Најголемите американски технолошки компании сега чинат неколку пати повеќе од кинеските технолошки гиганти. Пред само две години, разликата во проценката се чинеше дека брзо се стеснува.

На најфундаментално ниво, Си Џинпинг го дели истиот, утилитарен поглед за науката и технологијата како и претходните кинески државници со децении: технологијата е управувачка алатка која може да се користи за да се обезбеди економски развој, социјална стабилност и моќ на владејачката партија.