Синдикатот за градежништво бара бенефициран стаж за работниците

59

constructionСиндикатот за градежништво, индустрија и проектирање при Сојузот на синдикати на Македонија покренува иницијатива за бенефициран стаж за работниците во градежништвото и индустријата за градежни материјали.

Синдикатот заедно со работадавачите од двата сектора за таа цел ќе направат генерална анализа за работните места кои се исклучително тешки според систематизацијата, по што таа ќе биде проследена како иницијатива до надлежните институции.

Според Синдикатот, бенефит од иницијативата ќе имаат и работниците и работодавачите затоа што вработените достоинствено ќе заминуват во пензија, а работодавачите, без никакви турбуленции и прогласување технолошки вишок, ќе им овозможат на работниците да заминат во пензија и следствено на тоа да го обноват работниот кадар.

“Без разлика кој трошок на парични средства да биде утврден, важно е дека работниците достоинствено ќе си заминат во пензија и дека работодавачот нема да биде принуден да ги става на листата на технолошки вишок и ќе го поттикне вработувањето на млади кадри. Физички и психички истрошен работник во секторот градежништво и индустрија на градежни материјали не може да дочека 64 години стаж пензија”, истакна на прес-конференција претседателот на синдикатот Павел Трендафилов.

Од Синдикатот најавуваат дека нема да отстапат и ќе инсистираат на завршување на оваа иницијатива. Досега, ниту за едно работно место во секторот градежништвото, освен за пробивање на тунели, нема утврдено бенефициран стаж.