Сите информации за проектот за бакар и злато Иловица јавно достапни

7

euromax-resources

Проектот за бакар и злато Иловица-Штука, во општините Босилово и Ново Село, е еден од најголемите развојни проекти во Македонија. Тргнувајќи од тоа, разбирлив е интересот на јавноста за овој проект и за неговото значење за локалната заедница, животната средина и националната економија. Еуромакс Ресоурцес е реномирана компанија што сите свои активности ги реализира на транспарентен начин, согласно македонските регулативи и највисоките светски стандарди во областа на рударството и заштитата на животната средина. Во таа насока, а во интерес на правилно и точно информирање, Еуромакс сите прашања и одговори поврзани со проектот ги објавува на својата интернет страница: http://www.euromaxresources.com/ и http://euromaxresources.mk/. Тука можат да се најдат одговорите на најчестите прашања за кои се интересираат граѓаните, институциите и различните организации од владиниот и невладиниот сектор, како и други значајни документи поврзани со проектот.

Покрај тоа, сите заинтересирани граѓани и организации, за подетални информации поврзани со проектот Иловица-Штука можат да се обратат во Информативниот центар на Еуромакс, лоциран во селото Иловица, каде по претходна најава ќе бидат примени од стручните лица од оваа област и ќе добијат соодветни одговори на нивните прашања. Исто така, сите заинтересирани страни можат да постават и дополнително прашање по писмен или електронски пат и на истото ќе добијат одговор. Покрај најчесто поставуваните прашања и одговори за проектот за бакар и злато Иловица-Штука во општините Босилово и Ново Село, на интернет страницата на компанијата се достапни и досегашните студии кои се правени од страна на домашни и странски експерти, во соработка со тимот на Еуромакс и се во целосна согласност со домашното и меѓународното законодавство. Сите овие активности се насочени кон тоа да се спречи делумното и нецелосно информирање за проектот, а со тоа и донесување на евентуални неосновани и неточни заклучоци за влијанието на проектот врз животната средина и заедницата.

Проектот за бакар и злато Иловица-Штука во општините Босилово и Ново Село се одвива согласно македонското законодавство и највисоките светски стандарди од областа на рударството, животната средина и социјалните аспекти. Влијанијата од проектот се детално елаборирани во студијата за оцена на влијанието врз животната средина, која е јавно достапна. Компанијата ги повикува сите заинтересирани страни да се информираат од овој детален документ кој дава најдобар приказ за проектот и влијанијата од него. Во изготвувањето на студијата за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, која неодамна беше доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај тимот на Еуромакс работеа и независни експерти од Универзитетот Гоце Делчев од Штип, кои беа ангажирани во истражувањето и утврдувањето на социо-економските состојби, сообраќајот, квалитетот на воздухот и бучавата. Домашната компанија Биомастер работеше во делот на екологијата, а Музејот во Струмица во делот на археологијата и културното наследство. Водостопанство Струмичко поле од Струмица, Управата за хидрометеоролошки работи, Пречистителната станица Иловица и Шумското стопанство Беласица од Струмица се вклучија во областите од нивен домен. Покрај домашните институции, на оваа студија работеа и врвните меѓународни консултантски компании Голдер Асоушиејтс и Шламберже Уотер Сервисис кои се со огромно искуство во областа.

Еуромакс Ресоурцес е реномирана компанија која котира на берзата во Торонто, Канада. Сите активности на компанијата редовно и транспарентно се објавуваат, со што се достапни за сите заинтересирани страни. Развојот на проектот за бакар и злато Иловица-Штука тече веќе 10 години во соработка со сите релевантни државни институции на Република Македонија. Компанијата ја доби концесијата за експлоатација во 2012 година, по што продолжија сите активности за исполнување на обврските што произлегуваат од македонското законодавство.

Покрај Еуромакс, во проектот за бакар и злато Иловица-Штука учествува и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со удел од 20%. Учеството на ЕБОР во овој проект е само дополнителна потврда за почитувањето на строгите критериуми, особено во делот на заштитата на животната средина. Токму затоа, првичната студија за оцената на влијанието на проектот врз животната средина, што е еден од клучните документи за добивање на понатамошните дозволи за отворање и работа на рудникот, беше проширена за да се задоволат високите стандарди на ЕБОР, како и „Екватор принципите“. Покрај ЕБОР, дел од овој проект е поддржан и од Германскиот гарантен фонд (UFK = Garantien für Ungebundene Finanzkredite) кој го поддржа проектот со заем од 240 милиони евра за финансирање на изградбата.

Проектот за бакар и злато Иловица-Штука е една од најголемите гринфилд инвестиции во Македонија и предвидува вложувања од околу 500 милиони долари, како и директно вработување на над 400 лица. Според анализите, со отворањето и работата на рудникот вредноста на извозот од Република Македонија ќе се зголеми за 300 милиони евра на годишно ниво.

Еуромакс Ресоурцес котира на берзите во Торонто, Канада и Њујорк, САД.