Сива економија најмногу во градежништвото и угостителството

25

Градежништвото, угостителството, трудоинтензивните сектори и услугите што се вршат по домовите се најчестите сектори во Македонија каде се појавува скриената економија, даночната евазија и непријавениот труд, пишува Миа.

Колку изнесува сивата економија во земјава со анализа ќе излезе Центарот за истражување и креирање политики во јуни годинава, а во Европската унија таа е 7,9% од БДП или еден трилион. Податоците на Управата за јавни приходи посочуваат дека 90% од даночните обврзници доброволно ги пријавуваат приходите и оти е мал бројот на оние што не ги пријавуваат и не ги плаќаат.

Ова беше посочено на денешната работилница на тема Улогата на јавните институции и граѓанските организации во спречување на даночната евазија и измама што ја организираа Центарот за истражување и креирање политики и Центарот за изучување на демократијата.

“Во анализите што ги обработуваме и анкетата што ја користиме имаме податоци за посебни сегменти. На пример, една третина од бизнисите што ги интервјуиравме пријавуваат дека има манипулации со ДДВ и користење на сметководствени трикови со цел плаќање пониски даноци, а од аспект на граѓаните пријавуваат дека 46,7% при купување во продавници добиваат фискални сметки, другиот дел повеќе од половина не добиваат“, вели Емил Шурков од Центарот за истражување и креирање политика.

Проблемот со скриената економија е присутен во секоја земја и се преземаат разни мерки за справување со истата.