СКМ: Пролонгирање на примената на повластената стапка од 5% кај првиот промет кај станбените згради и станови

18

Градежниците бараат пролонгирање на примената на повластената стапка од 5% при првиот промет кај станбените згради и станови, се вели во соопштението на официјалната страница на Стопанската комора на Македонија.

Во последните десетина години, годишно се завршуваат по околу 5.000 станови, а по 2011 година веќе овој број се движи од 5.500 до 6.500 станови годишно. Според статистичките податоци, просечните цени на становите, како на ниво на земјата, така и во Скопје и во останатите населени места, бележат тренд на намалување споредено со 2014 година (756 евра/м2) со 2010 година (848 евра/м2) и тоа за околу 11%.

Куповната моќ на населението е една од главните поголеми пречки за неможноста за купување станови, бидејќи просечната плата изнесува околу 21.402 денари (околу 350 евра) или потребни се 2,5 плати и повеќе за 1м2 станбен простор.

Кај условно кажано старите станови, продажбата е драстично опадната, а понудата станува поголема. Најчесто се купуваат помалите станови од причина што одржувањето на становите и објектите веќе претставува товар на станарите.

Иницијативата за пролонгирање на примената на повластената стапка од 5% кај станбените згради и станови, градежниците ја иницираат во повеќе наврати, а веќе има најава од страна на Министерството за финансии дека се подготвуваат измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, при што се предлага пролонгирање на рокот за уште три години во однос на примената на повластената стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок од пет години по изградбата.