Скок на инфлацијата во САД, најголема во последните 12 години

30

Потрошувачките цени во САД во април годинава имаа најголем раст во последните скоро 12 години поради експлозивната побарувачка во услови на ограничена понуда, што би можело дополнително да ги зголеми стравовите на финансискиот пазар од повисока инфлација на подолг временски период.

Американското министерство за труд соопшти дека инфлацијата во април порасна за 0,8% на месечно ниво, по растот од 0,6% во март. Тоа е најголем месечен пораст од јуни 2009-та година, пренесува Ројтерс.

Скокот на цената на половните возила од 10% придонесе за зголемување на потрошувачките цени за една третина. Производството на моторни возила го забави темпото поради глобалниот недостиг на чипови, што ја поттикна побарувачката за половни автомобили.

Храната во САД во април поскапе за 0,4%, додека цените на горивата се намалија за 1,4% по растот од 9,1% во март. Но, цените најверојатно повторно ќе растат, бидејќи бензинските станици ширум земјата остануваат без гориво по делумното затворање на цевководот Colonial Pipeline.

Фото: Pexels