Скок од над 76% на прометот на Берза во август

19

rast

Македонска берза, во текот на месец август, евидентираше вкупен промет во висина од 280.698.564 денари, што во споредба со претходниот месец, е пораст од 76,52%, покажува Месечниот статистички билтен на Берзата.

Пораст се забележува и кај пазарната капитализација од 1,84%, додека скок од 40,28% е евидентиран кај вкупниот број на транскации – 1.111. И индексот МБИ 10, во текот на август, забележа пораст од 1,22% и се позиционираше на 1.714,17 поени.

Месечниот статистички билтен покажува дека најтргувани акции минатиот месец беа оние на НЛБ Тутунска банка со 92 реализирани трансакции или 43,08% учество во вкупниот промет. Потоа следуваат акциите на Комерцијална банка со вкупно 106 трансакции или 16,52% од вкупниот реализиран промет во август. На трето место се хартиите од вредност на Алкалоид со вкупно 103 трансакции или 13,38% од вкупниот промет остварен на Берза.

Акциите на Трготекстил малопродажба Скопје се хартии од вредност, што во тој период, остварија најголем пораст – 47,52%. Акциите со втор најголем пораст беа оние на Стопанска банка Скопје со скок од 25% и веднаш зад нив акциите на НЛБ Тутунска банка со 14,12%.

Приоритетните акции на Стопанска банка Скопје, во текот на август, забележаа најголем пад од 7,41%, потоа хартиите од вредност на Адинг со пад 2,80% и на трето место во оваа група се акциите на Макстил, чиј пад е 2,70%.