Скопје и Софија ја интензивираат бизнис соработката

20

Скопје и Софија ги засилуваат економските односи преку поврзување на бизнис секторот со претставниците од двете општини. Ова денеска е официјализирано со потпишување Меморандум за соработка меѓу Скопскиот плански регион и Македонско-бугарската стопанска комора.
“Развојот на Европа се базира токму на регионалниот развој. Во оваа насока Македонија ги прави првите чекори, затоа локалните власти имаат се поголема улога во развојот на економијата. Општините во соработка со Владата прават се што можат за привлекување повеќе инвеститори во градовите и регионите”, изјави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски по потпишувањето.
Тој истакна дека се отвораат вратите за соработка на бизнисот и локалната самоуправа која е репрезент на новото време на европските движења. Процесот ќе има двостран бенефит, преку обезбедување нови инвестиции општините можат да го подобрат стандардот на своите жители, а компаниите ќе остварат поголем профит пред се преку користење на парите од европските фондови.
Според градоначалникот Сокол Митревски, Скопскиот плански регион и досега беше активен. Фирмата Адинг од општина Ѓорче Петров инвестираше и отвори погон во Бугарија, додека болницата Свети Лазар е бугарска инвестиција.
“Со меморандумот праќаме порака и даваме импулс до сите општини од Бугарија и Скопскиот плански регион да ја интензивираат соработката. Со тоа стопанските субјекти ќе имаат отворени врати за инвестирање”, нагласи Митревски.
На состанокот стана збор и за интегрираното управување со отпадот. Договорено е, како што информира заменик министерот за животна средина Стево Темелковски, да се формира меѓуопштински одбор за отпад, како и регионален центар кој ќе управува со активностите на техничко ниво.