Скопје лаб – центар за иновации на Град Скопје

25

skopje-lab

Фото: Град Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Република Македонија свечено го отворија Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје лаб.

Центарот за иновации е лоциран во објектот на влезот на градската администрација, во просториите на поранешниот Граѓански центар.

“Со отворањето на овој Центар за иновации, Град Скопје ги продолжува активностите за подобрување на комуникацијата и соработката со граѓаните, давајќи ѝ можност на јавноста да учествува во развојот на нови услуги и решенија за подобро Скопје. Клучната улога на оваа лабораторија е да работи на истражување и развивање нови решенија за предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Ова е место каде што граѓаните, бизнис заедницата и невладиниот сектор ќе имаат шанса да работат заедно и директно да учествуваат во креирањето на политиките“, изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

“Идејата на Центарот е да покаже дека јавните услуги што ги нуди власта, без разлика дали на национално или локално ниво, како што е во овој случај, можат да бидат подобрени со вклучување на јавноста во нивното креирање и спроведување. Центарот за иновации на Град Скопје ќе биде место за отворен дијалог меѓу вработените во градската управа и пошироката јавност, со цел да се најдат решенија кои ќе ги задоволат потребите и желбите на граѓаните, почитувајќи ги истовремено буџетските ограничувања на Градот“, изјави Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП.

Првите два пилот проекти на кои ќе работи Центарот за иновации се справувањето со загадувањето на воздухот и справувањето со отпадот.

Покрај Центарот за иновации на Град Скопје, УНДП помага во основањето на Центри во Ерменија, Грузија и Молдавија. Овој регионален проект е вреден 360.000 американски долари и е поддржан од УНДП и владите на Словачка и на Турција.