Скопскиот аеродром шести во регионот по бројот на превезени патници

23

avion-pexels

Фото: Pexels

Со рекордна бројка од над 25 милиони патници во 2017 година, авиобизнисот зема силен замав во земјите од поранешна Југославија. Дури девет аеродроми го дочекаа својот милионити патник. Белградскиот аеродром и понатаму останува на врвот со превезени над пет милиони патници лани. Двојно помалку имаат аеродромите во Загреб и Сплит, а скопскиот Александар Велики со превезени 1,8 милиони патници се најде на шеста позиција, пишува Exyuaviation.com.

Сплитскиот аеродром доживеа најголем пораст од 23,1%, а аеродромот во Подгорица втора година по ред остана најпосетуван аеродром на југословенскиот простор. Најмногу летови како држава има Хрватска. Над 9,6 милиони патници лани летале преку нејзините девет аеродроми.

Од главните градови, единствено Сараево не успеа да ја достигне бројката од милион превезени патници. Од помалите аеродроми, пак, најмалку превезени патници има Мали Лошињ од Хрватска преку кој во 2017 година летале само 6.000 патници.

Статистиката покажува дека скопскиот аеродром бележи најголем раст од сите аеродроми во главните градови. Обемот на работа во последниве 10 години се зголемил за 200%. Над два милиона патници патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром во 2017 година, што претставува пораст од 13% споредено со 2016 година. Паралелно со порастот во сообраќајот на патници, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7%, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година. Најпосетувани дестинации во 2017 година биле: Истанбул, Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Поради УЕФА Супер купот најфреквентен ден на аеродромот во Скопје во 2017 година бил седми август кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови.