Скоро четири милијарди евра беа девизните резерви на крајот на април

Официјалните девизни резерви заклучно крајот на април оваа година достигнаа вредност од скоро четири милијарди евра, додека еден месец претходно беа за 64,3 милиони евра пониски, покажуваат податоците на Народна банка.

На крајот на април минатата година, вкупните девизни резерви на земјата изнесуваа 3.159.620.000 евра.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (78,5%) по што следуваат валутите и депозитите (13,3%) и монетарното злато (8,1%).

Хартиите од вредност заклучно 30-ти април изнесуваа 3,1 милијарди евра, еден месец претходно 3,25 милијарди евра, а на крајот на април минатата година беа на ниво од 2,3 милијарди евра.

Валутите и депозитите заклучно крајот на април имаа салдо од 533,9 милиони евра, додека еден месец претходно изнесуваа 364,5 милиони евра.

Монетарното злато на крајот на април имаше вредност од 323 милиони евра, а еден месец претходно 317,9 милиони евра. На крајот на април лани, монетарното злато на земјата вредеше 351 милион евра.

Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.

Фото: Pexels