Скоро половина делница е пробиена од автопатот Миладиновци – Штип

16

Вкупно 43% од автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип се веќе пробиени од почетокот на изградбата што започна пред пет месеци, а треба да заврши за три години.

Градежните работи, според премиерот Никола Груевски, се одвиваат добро, а најголем дел засега ги изведуваат домашни компании. Очекувањата се реализацијата на инвестицијата од 208 милиони евра во изградбата на 47 километри автопат да обезбеди голем број домашни вработувања.

“Ангажирани се околу 250 работници, на терен се 136 градежни машини. До крајот на август бројот на градежната механизација ќе се дуплира, што значи дека значително ќе се зголеми бројот на вработени“, изјави Груевски.

Бројката на ангажирани работници не е конечна, постојано се зголемува, се очекува нејзино драстично зголемување во наредните неколку месеци.

Директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски рече дека подизведувачот на градежните работи Бетон треба да изгради делница од 17 километри по што главниот изведувач од Кина Снохидро ќе има 10 километри. Останатите 20 километри на трасата од Свети Николе до Штип ќе ги изведе домашната компанија Гранит, исто така како подизведувач.

Миладиновци – Свети Николе – Штип е еден од трите автопати што се градат во државата. Во тек е изградбата и на автопатите Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица.