Скоро секоја кралска фамилија во светот има парче од мојот накит

125
intertur
Хасан Табакоглу, мајстор за накит од Турција

Казаз или како што мајсторот Хасан Табакоглу го нарекува казазлк, е занает кој потекнува од пред 3200 години. Казаз е еден вид плетење на накит и украси. Се изработува од сребро или од 24 каратно злато, развлечени во конец со дебелена од 0,08 микрони. Накитот се изработува рачно и се работи со помош на обична жица и игла за шиење.

HPIM1588

БИ: Како започнавте да се занимавате со овој занает, каде го научивте?

Во 1968, кога имав 15 години, во клубот во родниот град Трабзон тренирав фудбал, но тоа не му се допаѓаше на татко ми. Тој беше мајстор за бакар, изработуваше тенџериња, лонци, казани… Многу сакаше да учам занает, а не да играм фудбал. Татко ми имаше пријател Абдулах кој се занимаваше со овој занает казазлк и го замоли да ме земе да ме обучува. Јас бев многу млад и не сакав да учам занает, сакав да играм фудбал. Затоа, кога ќе ме однесеше во работилницата, јас ќе избегав на игралиштето. Тогаш татко ми ме фаќаше за уво и ме носеше назад. Во нашата традиција многу се почитуваат родителите и морав да ја испочитувам желбата на татко ми. Така, за две години, во 1970 година, со само 17 години јас веќе бев мајстор. Потоа бев во војска и кога се вратив, многу беше популарно да се прават ресите на бројаниците. Мајсторот Абдулах ми покажа како се работи. Тоа беше макотрпна работа, 15 дена ми требаа за да направам една бројаница која се продаваше за 150 гроша (150 куруши, 1 лира = 100 куруши). Дваесет години се занимавав само со тоа. Сега го работиме занаетот фамилијарно, работат сестра ми, сопругата, децата, внуците.

2

БИ: Како тече процесот на изработка на накит?

На свилен конец, со помош на специјална машина за влечење конец (чикрик), се мота сребрен конец тенок 0,08 микрони. Притоа не смее да има двојно покривање на срмата. Потоа со овој конец и со помош на обична жица, со игла за шиење се плете накитот. Прво се работи гајтанот, а потоа другите делови. Работиме и со злато, но исклучиво со 24 каратно злато. Квалитетот е загарантиран. Овие изработки не се кинат, не се кршат. Колку и да се тегнат, не може да се уништат или да се оштетат. Имаат гаранција од 100 години. Јас можам да изработам било што, што и да ми се нацрта, било каков дизајн, можам да го изработам. Секое парче е уникатно и скапо. Се продава како грам сребро или злато, плус рачната изработка.

IMG_2606

IMG_2600

БИ: Дали овој занает се работи и во Македонија?

Не. Казазлк е занает што постои само во Турција, никаде на друго место во светот. Но, јас како амбасадор на некој начин, патувам во светот и го презентирам. За тоа е заслужен премиерот Реџеп Таип Ердоган. Во 2004 година, кога дојде на власт неговата партијата, министерот за култура и туризам Атила Коч не собра сите 84 мајстори од цела Турција и ни даде можност да се развиваме и да го унапредиме занаетот. Затоа многу сме му благодарни. Министерството направи изложба со наши изработки во Истанбул. Кога ги виде моите изработки, се воодушеви и се зачуди затоа што во овие ракотворби не се гледа каде е почетокот, а каде е крајот. Од 2004 па наваму од тоа министерство секој месец ме праќаат во различна држава за да го ширам знаењето, правам изложби и држам семинари.

KAZAZ huremБИ: Колку е популарен овој накит, има ли голема побарувачка за него?

Секако, многу е популарен, особено затоа што го носи Хурем Султан во серијата Величенствениот. Освен во турските серии, можам да кажам дека скоро сите кралеви и кралици во светот имаат по едно парче од мојот накит, на пример кралската фамилија во Јордан, Англија, Холандија… Едно парче и подарив и на Кондолиза Рајз. Интересно е тоа што секаде каде и да отидам, во било кој дел на светот, ми нудат државјанство, стан, многу пари, само за да останам и да го продолжам работењето таму, но јас секогаш се враќам во мојата Турција.

БИ: Зошто ја избравте токму Македонија за да обучувате нови мајстори?

7Македонија ми е исклучок, затоа што е пријателска земја на Турција и министерството ја избра за земја каде што можам да држам предавања и да подучувам ученици. Во Македонија сум веќе 2,5 месеци. Имам 72 ученици, од сите националности. Сите сме многу блиски, живееме како една фамилија. Секој викенд имаме дружење надвор од работилницата, одиме на излети, пикници, сакаме времето да го поминуваме заедно. Учениците изработуваат различни делови од накитот, кои на крај ќе ги споиме и ќе направиме готови парчиња. Сакам да напоменам дека од овој занает може да се живее. Оние практиканти кои ќе се посветат на занаетот и ќе научат како се работи, во иднина ќе можат добро да заработуваат и да ги издржуваат фамилиите.

Летово ќе правиме пауза, а од октомври повторно започнуваме со обука и нови курсеви. Курсот е бесплатен, под покровителство на турскиот културен центар Јунус Емре во Скопје и Халк банка. Во петок, на 31 мај, од 16.30 часот ќе имаме изложба во центарот со изработките на моите ученици, па кој има желба и време, добредојден е да дојде и да погледне.

1

4

5

3

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

IMG_2610