Словенечкиот премиер избира соработници врз основа на посебен тест

71

Роберт Голоб, новиот словенечки премиер, го користи своето корпоративно искуство за да избере луѓе кои ќе преземат важни должности.

Новиот премиер на Словенија за да избере соработници користи тест кој предвидува анализа на вредности, што ги поттикнува позитивните аспекти на поединецот и избегнува потенцијални конфликти во групата, изјави за љубљанско Дело претседателката на парламентот Уршка Клокочар Жупанчич од партијата Движење за слобода на Голоб.

Таа, како и останатите четириесетина пратеници избрани на листата за најсилна партија во парламентот, одговараше на прашања од Q12 тестот на „Галуп“, од кои првото беше: „Знаете ли што се очекува од вас на работното место“.

Тестот „Галуп“ го мери ангажманот на вработените во компаниите и нивната мотивација за работа.

Голоб го користеше при изборот на своите соработници во време кога ја водеше големата енергетска компанија GEN I пред да влезе во политиката.

Тој е само вториот словенечки премиер кој има намера своите претходни деловни искуства и методи на управување со човечки ресурси да ги пренесе во политиката, според Дело.

Весникот додава дека ваквите начини на избор на соработници и тимови на водечки позиции првпат во словенечката политика ги вовел покојниот премиер и претседател Јанез Дрновшек, кој бил директор на филијала на Љубљанска банка и искусен економист пред да влезе во високата политика.