Словенија се наоѓа во најголема криза досега

27

Словенците од секогаш се чувствувале прилично самозадоволни со самите себе. Нивната земја е убава и таа беше најбогата меѓу југословенските републики кога стекна независност во 1991 година. Таа стана членка на ЕУ и НАТО и го воведе еврото.

Но, денес нештата се сосема различни. Словенците се разгневени и збунети. Нивниот премиер е обвинуван за корупција, невработеноста е висока, банките во земјата се на работ на банкрот и претстојат серија болни структурни реформи.

Во јули годинава Владата мораше да даде повеќе од 380 милиони евра за спас на најголемата банка во Словенија. Премиерот Јанез Јанша говореше за грчко сценарио и предупреди дека Словенија може да стане шестата земја во ЕУ која ќе побара помош за спас, ако реформите на неговата Влада не бидат целосно спроведени. Бонитетните агенции го намалија кредитниот рејтинг на Словенија, а платите на државната администрација беа скратени за 7,5%.

Иако според демографската слика Словенија старее, досега таа имаше релативно високи пензии и ниска старосна граница за пензионирање. Во јуни минатата година на референдум беа одбиени предложените пензиски реформи, што резултираше со почеток на крајот на тогашната Влада. Сегашната владина коалиција во која партијата на пензионерите има клучна улога, усвои предлог-закони за пензиски реформи и за измени на Законот за работни односи, кои лесно можат да паднат на референдумско изјанување имајќи предвид дека за распишување референдум доволно е да се собарат 40.000 потписи и лесно да се блокираат болните реформи.

Јанша кој е политички ветеран, дојде на власт во февруари годинава. Тој беше суден врз основа на тврдењата дека примил мито од финска компанија за оружје. На 5 септември поранешен директор на една од најголемите словенечки компании беше осуден за измама. Католичката црква во земјата е потресена од финансиски и секс скандали. Во ваква атмосфера се појавија и спор за тоа кој и што правел за време на Втората светска војна. Тие расправии можеби треба да служат за одвлекување на вниманието од економските проблеми, но предизвикаа многу расправии. Според политичката митологија на словенечката десница, централно место во историјата на земјата треба да има десетдневната војна за независност во 1991 година, а не „трагичните настани од 1945 година“.

На 11 ноември Словенците ќе излезат на гласачките места за да изберат претседател. Актуелниот претседател  Данило Tирк е убеден дека ќе го освои вториот мандат.

Раководителот на асоцијацијата на работодавци на Словенија Соња Смуц вели дека државата би можела брзо да се стабилизира доколку посоти единство во државното раководство. Според неа, Словенија има неколку компании кои просперираат во странство, а има државен долг на ниво од 47,6 проценти од бруот домашниот производ и иако тој расте состојбите се се уште далеку од критични.

Но, интелектуалката Рената Салечи е помалку оптимист. – Многу од проблемите во Словенија се истите оние кои ги има и на други места во Европа и многу брзо ќе западнеме во ќорсокак, вели таа. (Економист – Лондон)