Словенија штеди со затворање амбасади

46

Словенија ќе ја затвори амбасадата во Хелсинки откако минатиот месец ги затвори своите дипломатски претставништва во Лисабон и Стокхолм. Затворен е и конзулатот во Дизелдорф.

До крајот на годината ќе ја затвори и амбасадата во Даблин, а на удар е и конзулатот во Њујорк.

Со затварањата на своите претставништва во странство, Словенија би требало да заштеди 1,8 милиони евра годишно.

Одлуката за затворање на дипломатско – конзуларни претставништва е усвоена на 31 мај врз основа на одлука на владата, а ја потврдија парламентот и ја потпиша претседателот Данило Тирк.

Според министерството за надворешни работи, одлуката да се затвораат дипломатски претставништва е донесена поради тешката финансиска и економска ситуација во Словенија, поради што владата повика да се усвојат мерки за штедење во сите области, вклучувајќи ја и областа на надворешни работи. Од словенечкото МНР посочуваат дека ќе продолжат со зајакнување и продлабочување на односите со земјите каде што ги затвораат своите дипломатски мисии.

Освен затворање на дипломатски претставништва, министерот за надворешни работи Карл Ерјавец најави намалување на платите на вработените, предвремено пензионирање, како и укинување на платите на вработените од други министерства, како на пример на полициските аташеа, кои работат во претставништвото во Брисел.