Словенија усвои нов пакет помош за ублажување на кризата со Ковид

Вчера, по неколкучасовна расправа, словенечкиот парламент усвои законски пакет за ублажување на последиците од коронакризата, чија финансиска тежина се проценува на 240 милиони евра, десетти по ред од избувнувањето на епидемијата на Ковид-19.

Меѓу планираните стимулации се еднократниот додаток за пензионерите и старите лица, додатоците на платите на здравствените работници и наградите за припадниците на цивилната заштита и студентските волонтери кои учествуваа во мерките за борба против епидемијата и еднократните надоместоци за новороденчиња.

Интервентниот правен пакет опфаќа повеќе мерки за помош на стопанството преку Фондот за претприемништво, делумно надоместување на трошоците за набавка на тестови за самотестирање на вработените во компаниите, а се продолжува и важноста на веќе издадените бесплатни туристичко-угостителски ваучери кои можат да се користат до средината на 2022 година.