Снел: Македонија има стабилна даночна политика

20

shutterstock_recesija_kriza Република Македонија води стабилна даночна политика и макроекономски е стабилна. Поседувањето на јасна визија, амбиција и стабилност е она што го бараат и ценат инвеститорите. Ова во Скопје го истакна извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Мено Снел на средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Извршниот директор на ММФ ги поздравил реформите кои ги прави Македонија оценувајќи дека нивната реализација ја вбројуваат во редот на најамбициозните држави во регионот.

Снел истакнал дека е добар и плодотворен фактот што Македонија е ангажирана во насока на привлекување на инвестиции и нејзина меѓународна промоција што е значаен фактор на тој план.

Тој потенцираше дека Република Македонија успева да изгради позитивна слика за реформите кои ги спроведува што придонесува за одржување на добра репутација значајна за странските инвеститори.

Премиерот Груевски го запознал својот соговорник со реформите и мерките кои се превземаат на планот на поттикнување на инвестициските вложувања, унапредување на трговската размена, како и обезбедувањето на стабилен економски развој.

Владата на Република Македонија го дава максимумот на полето на обезбедување на долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2% во последните 10 години, како и обезбедување на низок буџетски дефицит.

Тој го запознал соговорникот и со поволниот даночен пакет кој го нуди државата во насока на привлекување на инвестиции, посочувајќи дека во делот на даночниот систем воведен е најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација.

Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е најниско ниво во Европа, а од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди, истакнал премиерот Груевски.