Акции на 10 компании беа најтргувани во текот на последниот квартал од минатата година, покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.
Според податоците, со акциите на Комерцијална банка, во периодот од први октомври до 31-ви декември, направени се вкупно 1.053 трансакции во вкупна вредност од 321.474.475 денари. Потоа следуваат акциите на: Макпетрол (746 трансакции), Алкалоид (758 трансакции), Гранит (528), НЛБ Банка (272), Македонијатурист (118), Стопанска банка Битола (128), Стопанска банка Скопје (174), ТТК Банка (143) и УНИ Банка (137 трансакции).
На крајот од четвртиот квартал на Официјалниот пазар беа котирани акции на 100 компании. Нивната пазарна капитализација на ден 30.12.2019 година изнесуваше 181,2 милијарди денари. Пазарната капитализација на акционерските друштва со посебни обврски за известување на истиот датум изнесуваше 4,14 милијарди, со што вкупната пазарна капитализација на компаниите на берзата, без слободниот пазар изнесуваше 185,42 милијарди денари. Пазарната капитализација на обврзниците на ден 30.12.2019 година изнесуваше 3,72 милијарди денари. Во истиот период се склучени вкупно 4,991 трансакции, а вредноста на индексот МБИ10 на последниот трговски ден од четвртиот квартал изнесуваше 4.648,09 индексни поени.
Вкупниот промет во четвртиот квартал од 2019 година изнесуваше 2.111.687.582 денари.
Во вкупниот промет, најголемо учество од 54,78% има класичното тргување со акции, кое изнесуваше 1.156.886.933 денари, а на трансакциите со обврзници прометот изнесува 43.072.018 денари, што претставува 2,04% од вкупно реализираниот промет во четвртиот квартал. Во истиот период од вкупно склучените 4.991 трансакции, 4.928 се склучени со класично тргување, две трансакции се реализирани преку јавна берзанска аукција, две трансакции се реализирани како јавна понуда на хартии од вредност, а 59 како блок трансакции.
Вредноста на МБИ-10 на последниот ден на тргување од четвртиот квартал на 2019 година (30.12.2019 година) изнесува 4.648,89 индексни поени, што претставува зголемување од 7,41% во однос на неговата вредност на последниот трговски ден од третиот квартал во 2019 година (30.09.2019 година). Највисока вредност на МБИ10 во четвртиот квартал е постигната на 30.12.2019 година кога изнесувал 4.468,89 индексни поени, додека најниска вредност на индексот е забележана на 21.10.2019 година, кога изнесувал 4.085,03 индексни поени.
Фото: Pexels