Со признанието од Европската комисија ја отворивме вратата кон пазарите на ЕУ

96
2
Валентина Колар Јовановска, управител на Балкан Биосерт Скопје

Балкан Биосерт Скопје го доби признанието од Европската комисија, со што производителите кои поседуваат сертификат издаден од нас, можат слободно да ги пласираат своите производи на пазарите во ЕУ. Се надеваме дека можноста ќе ја искористат што поголем број производители, бидејќи органските производи од Македонија се навистина барани надвор.

БИ: Каква компанија е Балкан Биосерт Скопје, какви услуги нуди?

Балкан Биосерт Скопје е компанија којашто до скоро се занимаваше исклучиво со контрола и сертификација на органско производство, преработка и промет. Од скоро нудиме нова услуга. Имено, во декември 2012 година добивме овластување од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ за верификација и контрола на производи кои се во постапка за регистрирање или се заштитени со ознака за потекло, географска ознака или ознака за гарантиран традиционален специјалитет. Постоиме од 2005 година, а веќе од 2006 година сме првото сертификациско тело акредитирано од страна на ИАРМ и овластено од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ за вршење на стручна контрола и сертификација на органското производство. Според законската регулатива за органско производство, како во Македонија, така и во Европската унија, секое сертификациско тело, секоја компанија што сака да ја врши оваа дејност, мора да биде првенствено акредитирана, а според законот за органско производство во РМ, да биде овластена и од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство на РМ.

БИ: Што всушност претставува акредитацијата?

Наједноставно кажано, тоа е верификација од страна на акредитациско тело, дека сертификациското тело, односно Балкан Биосерт Скопје, е компетентно за вршење на дејноста контрола и сертификација на органско производство или пак на контрола и сертификација на производи со географски индикации. Во нашата работа компетентноста пред се зависи од стручното образование, квалификациите и искуството на персоналот. До 2012 Балкан Биосерт Скопје имаше акредитација од страна на Институтот за Акредитација на РМ. Од 2012 година дополнително на националната, имаме акредитација од меѓународно акредитациско тело IOAS. Ова акредитациско тело е основано во 1997 година со седиште во САД и свои канцеларии има во Бразил, Шпанија, Германија и Обединетото Кралство. Сакам да ја истакнам важноста на ова акредитациско тело, а со тоа и на нашата акредитација добиена од нив. IOAS имаат сертифицирано 41 сертификациски тела насекаде во светот, а ние сме потенцирани како едно од најдобрите, ако не и најдобро сертификациско тело од тие 41, што секако за нас претставува огромен успех, за така мала компанија со само тројца вработени.

377

БИ: Меѓународната акредитација од страна на IOAS ви помогна да влезете на листата на сертификациски тела признаени од страна на Европската комисија. Може ли да ни објасните што значи тоа?

На 13 февруари 2013 година Балкан Биосерт Скопје го доби признанието од Европската комисија, со кое се потврдува дека системот за контрола и сертификација на органско производство што го спроведуваме е еквивалентен на системот даден во Европската регулатива 834/2007, според која работат сертификациските тела од ЕУ. Со тоа Балкан Биосерт Скопје е ставен на листата на сертификациски тела од трети земји, кои се признаени од страна на ЕК и чиј сертификат е прифатен во сите земји членки на Унијата и пошироко. Тоа значи дека производителите кои поседуваат сертификат издаден од нас, можат слободно да ги пласираат своите производи на пазарите во ЕУ. За прв пат на сертификациските тела надвор од ЕУ им се даде ваква можност во 2007/2008 година. Со стапување на сила на новата Европска регулатива за органско производство 834/2007, како и 1235/2008, се отвори можност не само државите, туку и самите сертификациски тела од трети земји да аплицираат до ЕК и да добијат признание за еквивалентност. Балкан Биосерт Скопје веднаш реши да ја искористи оваа можност. Работевме навистина напорно и темелно на подготовките, аплициравме и сега го славиме резултатот. Ја отворивме вратата кон пазарите на ЕУ и се надеваме дека можноста ќе ја искористат што поголем број производители, бидејќи органските производи од Македонија се навистина барани надвор.

БИ: Како оди процедурата на добивање сертификат? Што значи тоа произведувач да добие сертификат дека храната му е органска?

Основно што треба да потенцираме е дека стручната контрола во органското производство е контрола на целокупниот процес на производство. Кај растителното производство на пример, се контролира потекло на семето, се контролира дали употребените ѓубрива и препарати за заштита се на листата на одобрени инпути, бидејќи органското производство не ги исклучува сите препарати, туку според регулативата има дозволено кои активни материи можат да се користат и во кои дози, потоа механизацијата и опремата што се користат, до постапките при берба, жетва, услови на складирањето на огранскиот производ, неговото пакување, амбалажа, етикетирање, транспорт. Значи, се проверува буквално секој сегмент од почеток до крај. Поради тоа, не може контролата да ја сведеме на лабораториска анализа на органскиот производ. Еве конкретно, за да биде појасно, да земеме за пример една сточарска фарма. Регулативите за органско производство, меѓу другите барања кои се однесуваат на обезбедување благосостојба на животните, ја имаат прецизирано и најмалата површина за сместување внатре во просториите и надвор на отворено која треба да ја обезбеди производителот, како и задолжителен пристап до пасишта за тревопасните животни. При контрола на таква фарма, ние сето ова го проверуваме и гледаме, а не би можеле да го видиме доколку направиме анализа на органскиот производ. Затоа треба да потенцираме дека тоа е контрола на целокупниот процес на производство или преработка, а не на крајниот производ што го добиваме. Целиот процес на сертификација започнува со аплицирање. Во апликацијата се наведуваат сите податоци коишто нас ни се потребни за да можеме да дадеме понуда. Потоа се склучува договор и се закажува термин за контрола. Ние секогаш препорачуваме апликантот претходно добро да се запознае со барањата на регулативите за органско производство. Тука секако и ние стоиме на располагање, можат да ни се обратат и нам. По извршената контрола, ако се исполнети условите издаваме сертификат. Од аплицирањето до издавањето на сертификатот може да помине од една недела до неколку месеци, зависи од тоа колку е подготвен самиот производител.

220

БИ: Може ли да направите една паралела меѓу органското производство во Европа и светот и кај нас?

Според истражувањето на швајцарскиот институт FiBL, кој е наш партнер и IFOAM, организација посветена на интернационално промовирање на органското производство, чиј што член сме од 2012, според сите индикатори во светот се бележи пораст во органското производство, па дури и во време на кризата. Од друга страна, што се случува во Македонија? Ние секојдневно добиваме повици од фирми што се заинтересирани за увоз на органски производи произведени во Македонија. Но, проблемот со извозот е во тоа што не можеме да понудиме количина. Поради тоа не можеме да оствариме извоз. Странците се заинтересирани конкретно за градинарски производи, за овошје, сирење, мед, самоникнати лековити растенија, печурки и шумски плодови, за култивирани билки. Сега за сега, ретки се производителите кои самостојно обезбедуваат количини и истите ги извезуваат. Решението е во зголемување на капацитетите во органското производство и здружување на производителите за заеднички извоз. Од друга страна, домашниот пазар за органски производи не е развиен. Години наназад се правеше се на страната на производителите – обуки на производители и консултанти, субвенции и слично, а целосно се занемари страната на потрошувачот. Сега дојдовме во ситуација да имаме органски производи, но немаме потрошувачи, затоа што, со чест на малиот број исклучоци, потрошувачите главно не се свесни за бенефитите на органските производи, не се доволно информирани.

Досега исто беа проблем и сертификатите. Македонските сертификациски тела не беа признаени и прифатени во ЕУ, па оние што сакаа да извезуваат мораа дополнително да плаќаат сертификација од некое меѓународно сертификациско тело.

DSC00646

БИ: Во која насока планирате да се движите во иднина?

Балкан Биосерт Скопје пред се е сертификациско тело и како такво сакаме да го градиме и во иднина. Нашата идеја секако е проширување на портфолиото на услуги што ги нудиме, со стандарди кои би се однесувале не само на производи, туку и на системи. Таму се гледаме во иднина. Но, за да понудиме било каква нова услуга на начин на којшто ние сакаме, значи до сертификација, мора претходно да се направи обука на персоналот, да се прошири опсегот на акредитација, да се обезбедат одредени овластувања од соодветните министерства. Секој нареден чекор што го превземаме бара многу работа и време. Но, подготвени сме и веќе започнуваме со обуки за нови стандарди и дефинитивно планот ни е Балкан Биосерт Скопје да прерасне во сертификациско тело кое ќе може да му понуди на производителот на едно место да добие сертификација за поголем број стандарди што му се потребни.

Знаеме добро да работиме, па веруваме во себе и веруваме дека ќе успееме да ги реализираме плановите.