Со три прашања откријте ги слабостите на вашиот бренд

6

slabost

Фото: Pixabay

Без разлика колку е добро смислен дизајнот или е прецизно конструиран, секој бренд си има свои слаби страни, односно несовршености. Во ера на зголемана конкуренција, брендот е јак онолку колку што е неговата најслаба алка. Што го поставува прашањето: Каде се вашите најслаби алки и како се одразуваат на вашиот бизнис?

Еве три едноставни и провокативни прашања кои ќе ви помогнат да ги откриете слабостите на вашиот бренд, а кога го знаеме проблемот (скоро секогаш) сме добиле половина битка.

1. Што зборуваат за вас најмалку задоволните клиенти?

Да, тоа е најочиледното место за почеток. Но, кога последен пат искрено сте ги сослушале клиентите со свеж ум и отворено срце? Многу често времето, инерцијата и оправдувањата се вклопени во изговорот дека така стојат работите. Оваа пасивност значи дека колективно и организациски сте престанале да слушате, потпирајќи се на изговори. Тоа не е воопшто проактивен и внимателен пристап на бренд менаџер.

Ставете се на местото на незадоволен клиент. Што гледате? Направете анализа на сите формални и неформални информации во дата базата. Проверете ги email пораките од клиентите, коментарите на социјалните мрежи, поплаките од клиентите, квалитативните и квантитативните истражувања…

Обележете ја секоја точка каде што клиентите се во интеракција со вашиот бренд. Каде е вашата слабост? Каде се негативните повратни информации и зошто се такви? Што ви покажуваат овие информации?

Без разлика дали сте мала или голема компанија, следењето на задоволноста на клиентите, односно незадоволството и причината за тоа, се критичните индикатори за здравјето на вашиот бренд.

2. Доколку сте ангажирани од конкуренцијата да го нападнете вашиот бренд, што ќе направите?

Замислете дека утре ќе одите да работите за вашиот најголем конкурент и ги имате сите потребни информации за добрите и лошите страни на сега вашиот поранешен бренд. Од оваа спротивна перцепција, што гледате? Каде ќе нападнете? И зошто?

Во прилог ќе ви биде и ако размислите од агол на конкурентот, кој нема што да загуби, а може се да добие. Како би изгледал неговот план за напад, базиран на претходно добиените информации?

Новата перцепција ќе ви покаже свежи идеи. Конкуренцијата веќе ги поставила овие прашања, затоа најдобро е да играте шах со веќе пресметани следни потези.

3. Доколку имате волшебно стапче и веднаш можете да промените три работи кои ги поврзуваат клиентите со вашиот бренд, кои би биле тие?

Барем за момент заборавете на луѓето и проблемите, на политиката и процесите во државата. Размислете убаво и дефинирајте три работи, без разлика дали се мали или големи, кои ќе влијаат на промена на брендот.

Од корпоративна гледна точка, кои три промени ќе имаат најголемо влијание на вашиот бизнис? За продажбата? За менаџирањето? Непристрасноста кон брендот?

Исто така, треба да го погледнете брендот од страна на купувачите и потенцијалните клиенти. Кои три промени ќе влијаат на нивните афинитети? Што би ја поттикнала наклонетоста на потрошувачите кон вашиот бренд?

Познатиот стратег Сун Цу кажал: “Дознај се себе си и ќе ги победиш сите битки“. Меѓутоа, не е потребно да се знаат само доблестите, туку внимание треба да обрнеме и на маните. Фатете се за работа и истражувајте длабоко. Најдете ги слабите алки и наоружајте го брендот за подобра иднина.