Совет на странски инвеститори на СКМ: Од странските инвестиции се очекуваат околу 2 милијарди евра извоз

38

Извозот од зоните во 2014 година беше за 52% поголем во однос на извозот во 2013 година, а според проценките, на среден рок, треба да се очекува извоз од околу две милијарди евра, беше истакнато на прес конференцијата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

“Диверзификација на производите кои се извезуваат од Македонија е уште една придобивка од активностите на странски инвеститори во земјата. Во текот на изминатите неколку години, Македонија успеа да произведе високо технолошки производи, како катализатори или автобуси, покрај традиционалната метало – преработувачка, текстилната и хемиската индустрија. Извозот од зоните во 2014 година беше за 52% поголем во однос на извозот во 2013 година, а според проценките, на среден рок, треба да очекуваме извоз од околу 2 милијарди евра“, изјави новиот претседател на Советот на странски инвеститори при СКМ, Штефан Петер.

Според него, Советот на странски инвеститори, којшто ги претставува компаниите кои имаат долгогодишно искуство при работа на пазари со предизвици и во надминување на различни пречки, има обврска да ѝ помогне на македонската бизнис заедница.

Штефан Петер, инаку член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, претседателската функција на Советот на странски инвеститори при СКМ ја наследува од Хуан Педро Хименес Наваро, која ја напушта земјата заради деловни причини.