Споделување меѓународни искуства за справување со долговите и управување со нефункционални кредити

26

Македонија ќе има полза од експертизата на експертите на Светската банка за одржливите системи за решавање на долговите и управувањето со нефункционалните кредити, беше заклучено на Конференцијата која што се одржа денеска во Скопје.

Домаќини на Конференцијата беа ИФЦ, членка на Групацијата на Светската банка, и Народната банка на Република Македонија.

“Не може да се создаде ефективен и ефикасен систем за решавање на долговите без учество на носителите на политиките, регулаторите и другите релевантни институции“, рече Богов.

Учесниците на Конференцијата имаа можност да дискутираат со експертите на Светската банка за проблемите и решенијата во врска со решавањето на долговите и управувањето со нефункционалните кредити во Македонија.

“Главната цел на Конференцијата беше да се споделат меѓународното искуство и знаење во областа на стратегиите за решавање на долговите. Постои ризница од искуства во другите европски земји коишто може успешно да се применат и во Македонија“, изјави Зоран Мартиновски, претставник на ИФЦ во Република Македонија.

На Конференцијата се дискутираше и за техничките прашања поврзани со решавањето на долговите, со особен осврт на она што може да сторат носителите на политиките за да го олеснат решавањето на нефункционалните кредити во банкарскиот сектор. Учесниците разговараа за расположливите механизми за принудна наплата на долгот, за постапките поврзани со преструктурирањето и несолвентноста, за потенцијалната продажба на нефункционалните кредити и даночните влијанија, како и за разните пречки за ефикасно решавање на долговите во земјата.

ИФЦ, членка на Групацијата на Светската банка, е најголемата глобална развојна институција исклучиво фокусирана на приватниот сектор. Работејќи со приватните претпријатија во повеќе од 100 земји, ИФЦ ги користи својот капитал, експертиза и влијание за да помогне во елиминирањето на екстремната сиромаштија и да промовира заеднички просперитет. Во финансиската 2013 година, инвестициите на ИФЦ се искачија на највисоко ниво од речиси 25 милијарди долари, зголемувајќи ја моќта на приватниот сектор за создавање работни места и справување со најсилните предизвици за развој во светот.