Спортскиот центар Борис Трајковски ќе биде место за масовна вакцинација

140

На седница Владата го задолжи Министерството за здравство, врз основа на одлуката за кризна состојба на дел од територијата на Северна Македонија, да ги ангажира сите свои стручни и други неопходни капацитети за спроведување на масовна вакцинација во Спортскиот центар Борис Трајковски.

Со заклучок по оваа точка Владата го задолжи СЦ Борис Трајковски да ги отстапи своите простории на Министерството за здравство за спроведување на масовната вакцинација согласно Национален план за вакцинација против КОВИД-19 во Северна Македонија.

“Денеска добивме од Република Србија 20.000 дози на вакцини од руската вакцина Спутник В кои ќе бидат наменети за критичните категории на граѓани, но и за почеток на имунизација на помладите категории на граѓани. Благодарност до Претседателот Вучиќ, Премиерката Брнабиќ, Министерот Лончар за солидарноста и донацијата. Очекуваме уште дополнителни 20.000 дози да пристигнат од оваа пратка во деновите што следуваат. Овозможивме континуитет на веќе започнатиот процес. Со оваа вакцина ќе се вакцинираат вработени во МВР, делот од Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија во А1 Арената, СЦ Борис Трајковски“, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Се финализираат подготовките на салата Борис Трајковски каде ќе се врши масовна вакцинација. Подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5000 граѓани дневно. Согласно планот ќе се работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот. Вакцинацијата која вчера започна на вакциналните пунктови ширум државата се одвива одлично.
Фото: Facebook