Србија: Афлатоксинот направи штета до 125 милиони евра

46

mlekoСрпскиот министер за земјоделство Горан Кнежевиќ призна дел од одговорноста за аферата со афлатоксинот во млекото. Потпретседателот на владата Расим Љајиќ соопшти дека штетата е проценета меѓу 100 и 125 милиони евра, а продажбата на млеко паднала за 5% до 27%.

Аферата со афлатоксинот во млекото, пченката и сточната храна беше ставена вчера на дневен ред на специјална седница на српскиот парламент откако беа соопштени резултатите за афлатоксините во млекото во Србија, пренесува Фена.

“Признавам дел од одговорноста и дека целиот овој случај не затече. Со новите правилници дојде до суштински промени, првенствено одговорноста за квалитетот на храната е на произведувачите, а државата има улога на контрола. Тој систем покажува недостатоци во цела Европска унија”, рече Кнежевиќ пред пратениците.

Српската влада по соопштените наоди за зголемено ниво на афлатоксини над 0,05 микрограми по литар по стандардите на ЕУ, го врати на сила претходниот национален стандард од 0,5 микрограми по литар. Резултатите на референтната лабораторија во Холандија покажаа дека скоро 70% од земените примероци млеко ја надминуваат границата од 0,05, додека два примерока го надминаа и српскиот стандард од 0,5 микрограми по литар.

Во меѓувреме се разрешени од должност две одговорни лица во фито – санитарните институции, а беше побарана и оставка на министерот за земјоделство, Горан Кнежевиќ, но тој не е сменет, ниту пак понуди оставка.