Србија: Од 502 претпријатија за приватизација, за 99 нема заинтересирани

23

srbija

На јавниот повик за приватизација на 502 претпријатија во Србија, стигнале 1.732 понуди за 403 претпријатија, додека за 99 претпријатија не стигнала ниту една понуда.

“Најголемиот дел од понудите се од српски претприемачи, но стигнаа понуди и од Германија, САД, Бугарија, Русија и Велика Британија”, вели министерот за економија Жељко Сертиќ, пишува Б92.

Според Сертиќ, најдобро котираат оние претпријатија кои имаат услови за понатамошен  развој, пред се на својот пазар.

“За 99 претпријатија не стигна ниту една понуда и сигурно дека од пристигнатите нема секоја да биде квалитетна. Не знам колку претпријатија ќе одат под стечај, но мораме да бидеме реални дека постојат претпријатија кои нема да можат да опстанат на пазарот”, вели Сертиќ.

Агенцијата за приватизација во Србија, на 15 август објави јавен повик за собирање писма на заинтересирани инвеститори за приватизација на 502 претпријатија. Јавниот повик се однесува на 113 претпријатија од областа на преработувачка индустрија, 83 од областа на трговија на мало и големо и поправка на моторни возила, 73 се од областа информирање и комуникации, 67 од стручна, научна и иновациска дејност, 51 градежништво, 35 од земјоделство, шумарство и рибарство. Тука се и претпријатија од областа здравствена и социјална заштита, финансии, снабдување со струја, гас и пареа, рударство, услужни дејности…

На листата претпријатија за приватизација се наоѓаат: Галеника, Петрохемија, Азотара, Јат техника, Ласта, Симпо, Ц маркет, Белградски саем, Јумко, Икарбус, Политика а.д., Жупа Крушевац, Први мај Пирот, Хотел Сплендид Белград, Славија хотели, Невена Лесковац, Јагодинска пиварница, Фудбалски клуб Рад, Будимка Пожега….