Србија останува без фестивал што ѝ донесе 200 милиони евра?

152

Србија би можела да остане без новосадскиот Exit фестивал, којшто следното издание би го преселил во хрватскиот град Умаг, дознава Јутарњи лист.

Тоа би значело дека следната година, Хрватска би била домаќин на Дејвид Гета, Нина Кравиц, Пол ван Дајк и многу други светски ѕвезди чии настапи се најавени на фестивалот за следната година.

Exit, којшто како што се наведува, е еден од најпрепознатливите српски културни брендови, на тамошниот туризам досега му донел 200 милиони евра, а новиот дом, ако не биде Хрватска, би можела да биде Црна Гора, со тоа што во трка се и некои богати арапски земји.

Како што дознава хрватскиот весник, причина за можно селење на фестивалот се финансиски проблеми. Финансиската загуба на фестивалот за оваа година изнесува околу милион евра, поради што до крајот на годината ќе морале да ги отпуштат сите стотина вработени кои работат цела година.

Освен што фестивалот не добил финансиска поддршка од државата, како што пишува Јутарњи лист, долгогодишниот спонзор на фестивалот, Telekom, компанија во државна сопственост, на седум дена пред Life Stream-от се откажала од спонзорството. Иако фестивалот не се одржа ова лето, беше организиран проектот Life Stream, во коишто некои од најголемите диџеи настапувале за пренос во живо на интернет. Во публиката имало мал и строго ограничен број, а преку интернет проектот го следеле околу шест милиони луѓе од целиот свет.

Црна Гора во овој момент, според сознанијата, била најблизу да стане нов дом на фестивалот бидејќи со помош на Exit сака да привлече млади луѓе од целиот свет. Доколку тоа биде така, во државниот буџет на Црна Гора следната година би се слеале повеќе од 30 милиони евра, а вредноста на промоција за тамошниот туризам би била над 100 милиони евра.

Без оглед на тоа во која земја ќе се пресели фестивалот, се очекува дека во следните 10 години на таа земја ќе ѝ донесе околу 200 милиони евра.

Фестивалот Exit следната година ќе го прослави својот 20-годишен јубилеј, а до крајот на оваа година ќе треба да се знае конечната одлука за тоа каде ќе се одржува.

Фото: Facebook