Средба на компании од областа на градежниот сектор од НР Кина и Р. Македонија во Стопанската комора на Македонија

17

Компании од областа на градежниот сектор од Народна Република Кина и Република Македонија вчера имаа средба во Стопанската комора на Македонија.

Стопанската делегација од Далечниот Исток ја предводеше Чи Чангаи, претседател на Асоцијацијата за градежништво во Кина, а пред присутните претставници на значајни градежни компании од двете земји се обрати Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Пренесувањето на искуството стекнато на големи проекти во НР Кина од страна на кинеските компании ќе биде добредојдено за македонските градежни компании, информираат од Стопанската комора на Македонија.

“Градежништвото во Република Македонија, во последните неколку години има тренд на зголемување на активностите. Неговото учеството во БДП на земјава постојано се зголемува (2010 година – 5,6%, 2011 година – 6,5%, 2012 година – 6,8% и 2013 година – околу 7%). Ова учество го остваруваат 4.322 компании со околу 45.000 вработени. Градежните компании учествуваат со околу 6,1% во вкупно активните компании во државата. Од страна на Владата на РМ, обезбедени се средства и почнати се поголеми инвестициони зафати во изградба на автопатиштата: Коридорот 10, на делницата Демир Капија – Смоквица, автопатите од Миладиновци кон Штип, од Кичево кон Охрид, потоа проширување на патот Велес – Кадирфаково, од две на четири ленти, како и реконструкција на автопатот Велес – Скопје. Вкупната вредност на овие инвестиции изнесува околу 860 милиони евра. Покрај тоа, се планира доизградба на железничката пруга кон  Бугарија, на низа објекти во здраството во Клиничкиот центар во Скопје и слично“, истакна Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, претставувајќи го градежниот сектор во земјава.

Чи Чангаи пред присутните подвлече дека потпишаниот Договор за соработка во градежништвото меѓу двете земји, треба да претставува предизвик за компаниите, со цел создавање и на повисоки форми на соработка.

Претставниците на компаниите од двете земји на средбата во Стопанската комора на Македонија, поодделно се претставија, разменија контакти. Забележливо беше дека и дел од компаниите веќе меѓусебно се познаваат и имаат остварено соработка и работат на инфраструктуните проекти кои се почнати со градба во Република Македонија.

Претседателот на Асоцијација за градежништво во Кина, ја искористи средбата официјално да ги покани македонските компании на Меѓународниот форум за градежништво и инфраструктурни инвестиции што ќе се одржи во јуни 2015 година во Кина.