На вчерашната седница на Владата беше одлучено стипендиите за средношколците во Република Македонија за учебната 2012-2013 година да се зголемат за 25%.
Како што информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција, месечните износи за сите категории на стипендии линеарно ќе се зголемат за 500 денари за сите пет видови стипендии кои активно ќе се доделуваат оваа година, односно за 5.000 денари на годишно ниво. Исто така ќе се зголеми и бројот на лицата кои добиваат стипендии за 10%.
“Стипендијата за талентирани ученици – спортисти која ја добиваат 120 корисници и чиј месечен износ изнесуваше 2.200 денари се зголемува на 2.700 денари. Месечниот износ на стипендијата за талентирани ученици од средното образование од 2.200 денари сега ќе изнесува 2.700 денари. Владата реши да го зголеми бројот на корисниците на оваа стипендија и од претходните 50 сега ќе ја добиваат 100 корисници”, рече Ѓорѓиев.
Педесетте корисници кои добиваа месечен износ на стипендија за ученици со посебни потреби од 2.000 денари сега ќе добиваат 2.500 денари, додека стипендијата за социјална поддршка што ја добиваат 400 корисници од по 1.500 денари се зголемува на 2.000. Ќе се зголеми и месечниот износ на стипендијата за ученици – деца без родители, од 2.000 на 2.500 денари, која ја добиваат 60 корисници.
Ѓорѓиев додаде дека финалната листа на добитници на ученички стипендии ќе биде објавена во текот на следната недела.