ССК: Над 100 компании ја интензивираа бизнис соработката со Кина

9

Во рамки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) се приклучија 100 нови компании како дел од Асоцијацијата за трговија и деловни односи кои работат со Кина. Компаниите во најголем дел се од секторите трговија, градежништво и индустрија, а се дел од секторските комори на ССК.

“Придобивките за компаниите членови на Асоцијацијата за трговија и деловни односи со Народна Република Кина во ССК се бројни. Имено, токму компаниите од секторите градежништво, трговија и индустрија, остваруваат најголема соработка со кинеските компании. Во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, ќе работиме на поедноставување на визната процедура за компаниите и бизнисмените од двете земји. Започнати се активности за соработка и веруваме дека во следниот период ќе ги интензивираме деловните односи со Кина“, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Вкупната трговска размена на Македонија со Кина во првите осум месеци од 2014 година достигна вредност од 318,5 милиони американски долари, што претставува пораст од 4,5% во однос на истиот период од 2013 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 39 милиони долари, додека увозното салдо изнесува 278,8 милиони долари. Во вкупната надворешно трговска размена, Кина е седми трговски партнер на Република Македонија, според обемот на трговска размена.