Стандардите го прават теренот за игра еднаков за сите

212
dscn0892
Васко Темелкоски, генерален директор на InterCert

Меѓународните стандарди од серијата ISO 9000 му овозможуваат на пазарот да биде поконкурентен и рамноправен за сите негови учесници. Тие претставуваат меѓународен јазик за разбирање помеѓу бизнисите за тоа како тие интерно функционираат. Воведен ISO систем во една организација им дава доверба на клиентите дека процесите во организацијата се одвиваа со примарна цел да се исполнат очекувањата на купувачите, вели Васко Темелкоски, генерален директор на сертификационото тело InterCert.

БИ: Што претставува InterCert и која е главната задача на вашето сертификационо тело?

InterCert е првото акредитирано сертификациско тело од страна на Институтот за Акредитација на Република Македонија коешто врши сертификација и надзор на системите за управување со квалитет согласно стандардот ISO 9001:2015.

БИ: Што значи стандард или стандардизација?

Стандардизација е постапка или процес на примена на стандарди како би се подобрил некој производ или услуга со крајна цел елиминирање на проблемите и зголемување на ефективноста и ефикасноста на работењето. Притоа, стандардот е документ којшто содржи барања и насоки применливи на конкретното опкружување.

ISO (International Organization for Standardization) е меѓународна организација за стандардизација, односно најголема светска институција за развој на стандарди и претставува мрежа на национални институти од скоро сите земји од светот од каде се координираат сите стандарди.

Имплементација на системот за управување со квалитет е од стратешко значење за сите организации. ISO стандардите може да се применат на сите организации без обзир на нивниот вид, големина, производ/услуга и останати спецификации.

Фамилијата на стандарди ISO 9000 првенствено е базирана на управување со квалитетот. Во пракса тоа значи дека организацијата треба да испочитува одредени принципи за квалитетот како насоченост кон купувачот и разбирање на потребите и очекувањата на своите купувачи.

Систем за управување со квалитет значи дефинирање на начинот на којшто една организација работи и нуди (производ или услуга) на пазарот. Кога ќе одредиме кој е тој начин и како сакаме тоа да биде направено, нашиот производ или услуга во иднина сакаме секогаш да биде ист. Тоа значи да се има континуитет во давањето на услугата или при производство на производи. Нашата улога како сертификациско тело е да провериме дали организација што вовела систем, работи онака како што пропишала, дали ги препознала барањата на клиентите, дали го усогласила своето работење со стандардот и дали континуирано бара начин како да го подобри своето работење.

Сертификатот за квалитет ISO 9001:2015 на прво место е доказ за квалитетот на работењето и пасош за влез во игра со големите играчи.

dscn0893

БИ: Какви видови на стандарди постојат?

ISO 9001 е базичниот стандард за менаџирање со квалитет, ISO 14001 е систем за заштита на животната средина со кој организацијата преку спроведување на соодветни цели и политики ефективно и ефикасно управува со ризиците значајни за еколошките аспекти на животната средина. Тоа најчесто се однесува на организации коишто одлагаат некаков тип на отпад, вршат некаков вид на загадување (на пример, гасови преку издувните оџаци).

Потоа, го имаме стандардот OHSAS 18001, којшто сè уште не е ISO стандард, но е во процес на транзиција да биде прифатен како ISO 45001, којшто покажува како организацијата се грижи за безбедноста и здравјето на своите вработени, одговорностите што таа ги презема да им обезбеди минимум работни услови за да може вработените квалитетно да ја извршуваат работата.

Тука е и ISO 50001, којшто стандард за менаџирање со енергетска ефикасност и може да се применува во организации коишто трошат многу енергија во своето работење и преку имплементација на еден ваков стандард тие ќе можат да развијат систем за заштеда на ресурси коишто непотребно се трошат при процесот на нивното работење.

ISO 22000 е стандард за производство на безбедна храна, којшто пропишува на кој начин компаниите кои се занимаваат со производство или дистрибуција на храна обезбедуваат или гарантираат дека нивните производи ги исполнува минимум стандардите за производство на безбедна храна, за крајниот корисник да биде сигурен дека храната е безбедна за консумирање.

ISO 20000, систем за управување со ИТ услуги и ISO 27001, систем за управување со безбедност на информации се доста корисни за оние ИТ компании коишто прават софтвер за други организации со кој се менаџира со разни приватни информации итн, како на пример, банките коишто манипулираат со доста информации и приватни податоци што би требало да бидат обезбедени за да не може секој да стигне до нив. Постојат и други стандарди меѓу кои е и ISO/TS 16949 којшто е стандард техничка спецификација за развој на систем за квалитет во автомобилската индустрија со којшто организациите обезбедуваат континуирано подобрување, фокусирајќи се на превенција на дефекти и намалување на бројот на неусогласени производи при процесот на производство на делови.

БИ: Како се одвива и колку трае процесот на сертифицирање?

За да се пристапи на процесот на сертификација за ISO стандардите системот за управување со квалитет мора потполно да биде документиран, проверен и одобрен од страна на раководството.

Откако компанијата ќе ги исполни горните критериуми и ќе реши дека сака да се сертифицира, целиот процес може да се заврши за околу еден месец, некогаш пократко но некогаш и подолго, зависно од подготвеноста на организацијата. Клучни работи во дефинирање на временскиот рок на траење на сертификацијата е да се види компанијата во која индустрија работи, дали сертификационото тело има компетенции или знаења да врши проверка на систем во таа дејност и да се усогласат датумите.

Откако ќе се усогласат датумите, процесот на сертификација е доста краток. Сертификацијата се одвива во два чекори. Откако ќе го потпишеме договорот за сертифицирање со организацијата, одиме на лице место да ја посетиме организацијата и да утврдиме дали ги има подготвено сите потребни документи и дали постои реална основа организацијата да врши одредена дејност на одредена локација. Откако ќе се “сними“ состојбата, изготвуваме извештај од проверката до организацијата. Во него може (но, и не мора) да има забелешки коишто треба да се отстранат. Откако организацијата ќе нè извести дека забелешките се отстранети го закажуваме вториот чекор од проверката. Во вториот чекор се проверуваат сите процеси во организацијата. По направената втора проверка издаваме финален извештај во однос на нашите гледишта дали организацијата ефикасно го спроведува системот, дали вработените се запознаени и владеат со тие документи и дали ги извршуваат своите работни задачи согласно процедурите и стандардот, итн. И доколку повторно има забелешки/неусогласености организацијата треба да ги отстрани. Откако сето ова ќе се усогласи, ние го издаваме сертификатот.

dscn0887

БИ: Која е главната причина поради којашто организациите се сертифицираат?

Сертифицирањето е на доброволна основа. Организациите се сертифицираат од повеќе причини. Некои заради унапредување на своето работење, некои заради  имиџ, а некои бидејќи нивните клиенти тоа им го бараат. На пример, една глобална компанија што набавува производи или услуги од повеќе места за да ве квалификува како добавувач сака да потврди дека вашата компанија работи на начин којшто обезбедува континуитет и квалитет. Системот за квалитет преку пропишаните процедури и процеси покажуваат дека компанија има многу поголеми шанси да опстане на пазарот долгорочно, ако точно се знае кој што прави, на кој начин тоа се прави и кој врши контрола. Наместо големите компании да проверуваат како и на кој начин работат нивните добавувачи, на пазарот се појавуваат Сертификациони тела кои ќе го прават тоа за нив.

БИ: Кои предуслови треба да ги исполни една организација за да може се сертифицира?

Сите организации коишто достигнале одредено ниво на зрелост може и треба да се сертифицираат. Откако една нова организација ќе почне да работи треба да помине одреден период на прележување на сите “детски болести“, кога самата организација пред себе ќе докаже дека може да опстане на пазарот. Понатаму со воведување на системот на организацијата и се дава една база, врз основа на која може да се развива.

Од друга страна, големите (зрели) организации, исто така, препознаат потреба за структуирано организирање или реструктуирање преку кое ќе можат да продолжат да се развиваат.

Кога една компанија почнува да работи, нејзиниот сопственик или претприемачот во својата визија за работење си има свој систем на работа. Тој систем вклучува одредени знаења и/или искуства кои се пренесуваат на вработени, Но, со тек на развојот на компанијата, кога бројот на вработени брзо се зголемува, сопственикот веќе не може на сите нивоа да го пренесе својот систем на работа. Затоа се востановуваат пишани процедури и постапки на работење.

Докажано е дека еден менаџер реално може да менаџира од 10 до 15 луѓе. Штом се достигне тоа ниво, менаџерот мора да подготви второ ниво на менаџери, кои ќе работат како него и ќе менаџираат на ист начин и ќе ја имаат истата негова визија за тоа како треба да функционира компанијата и ќе ја има истата посветеност кон самите процеси и кон вработените.

Системот за управување создава база на постапки, процедури и информации т.е. знаење и искуство коешто сите вработени може да го користат за да може сите да ја работат и функционираат согласно визијата и мисијата дефинирана од страна на топ менаџментот.

inter cert final

БИ: Како и со која динамика се спроведуваат проверките на организациите што се сертифицирани?

Сите стандарди, генерално, се издаваат со рок на важење од три години со тоа што организацијата се обврзува дека проверките ќе се изведуваат секои 12 месеци. Во текот од три години се изведуваат три проверки. Некои организации може да побараат и проверки на секои шест месеци. Преку тие проверки проверуваме дали системот функционира, односно дали организацијата работи согласно барањата на стандардот.

БИ: Дали може една организација да го загуби, а потоа пак да го добие сертификатот?

Апсолутно, ако при самата проверка се идентификуваат некои недоследности во работењето, тоа го ставаме до знаење на самата организација во извештајот којшто го издаваме по самата проверка. Доколку има критични забелешки, во рок од три месеци мора да се отстранат тие недоследности. Доколку не се отстранат, сертификатот прво може да се суспендираа а потоа може и да се одземе.

Ако еднаш е одземен сертификатот, организацијата која сака повторно да го добие ке мора процесот на сертификација да го почне од почеток, со нова проверка, на сите процеси од почеток.

БИ: Дали овие стандарди се меѓународни и важат во повеќе земји?

Сите ISO стандарди дефинирани од страна на Меѓународната организација за стандардизација ISO се користат како референтни документи насекаде во светот. Постојат стотици различни стандарди од различни полиња на делување. За некои индустрии постојат и повеќе од еден стандард кој го дефинира нивното работење.

Затоа што стандардот е доброволен, има организации коишто го имплементираат, но не се сертифицираат. Најголемиот дел од фирмите се сертифицираат затоа што на тој начин го подобруваат своето работење преку редовни контроли и дополнителна сакаат да бидат верификувани од страна на сертификационо тело.

БИ: Како е регулирана работата на сертификационите тела во Македонија?

Во Македонија работата на сертификационите тела е регулирана и контролирана од страна на Институтот за Акредитација на Република Македонија. Исто како што ние вршиме проверка во организациите, така и Институтот за Акредитација врши проверка на нашето работење еднаш годишно; дали работиме согласно стандардот ISO 17021, којшто го дефинира работењето на сертификационите тела. Дел од работите кои се проверуваат се начинот на кој се вршат проверките, како се одредуваат саатите за проверката, како се одвива комуникацијата со клиенти, како се одбираат проверувачите, како оценуваме дека проверувачите имаат компетенции, т.е. знаење и вештини и искуство за да можат да проверуваат одредени стандарди во одредени области итн.

БИ: Колку сертификати годишно се издаваат?

Од нашето формирање пред две години до сега имаме издадено преку 60 сертификати во Македонија, со тенденција оваа година да стигнеме до 100. Во Македонија има голем потенцијал и македонските компании ја препознаваат потребата и ги воведуваат и сертифицираат ISO стандардите и многу брзо ги увидуваат придобивките.

Нашата цел е да бидеме партнери на компаниите, да им помогнеме подобро да работат и континуирано да го подобруваат работењето и резултатите, се грижиме нивните клиенти да бидат задоволни исто како и нивните вработени. Ние како компанија, во еден таков процес на сертификација стануваме дел од работење на фирмите и преку годишните проверки сме во многу добра можност да го детектираме здравјето на фирмата. Извештаите од проверките треба да му помогнат на менаџментот во процесот на донесување на одлуки во иднина.

БИ: Дали постои дејност што посебно се сертифицира?

Генерално, не може да издвојам една индустрија што посебно отскокнува. Голем е интересот на компании што се занимаваат со производство или работат со странски партнери за ISO 9001, 14001 и 18001. Во последно време градежните компании се заинтересирани за сертифицирање на OHSAS 18001, којшто се однесува на безбедноста и здравјето вработените. Има голем интерес од страна на ИТ компаниите за стандардите ISO 20000 и ISO 27001. Моментално заради се поголемиот број на странски компании од автомобилската индустрија доста актуелен е стандардот ISO 16949, потоа ISO 17100 за фирмите кои нудат преведувачки услуги, ISO 20121 за фирмите организираат настани итн.