Станови наместо канцеларии: Германија во потрага по решение за станбениот проблем

11

Во Германија, кризата со недостиг на станови може да се ублажи со пренамена на деловен простор во станови, објави во понеделникот јавниот радиодифузен сервис АРД.

„Во Германија, до 2025 година, пренамена може да доведе до 20.000 нови станови, бидејќи многу канцелариски комплекси остануваат празни без изгледи за повторно издавање“, вели Хелге Шеунеман од компанијата за недвижнини JLL за ARD.

Тој го посочи примерот на финансиската метропола Франкфурт на Мајна, каде неколку облакодери со канцеларии веќе се претворени во згради со станови.

„Во Франкфурт рано почнаа со пренамена бидејќи зградите со станови носат поголем приход од зградите со канцеларии, за кои за разлика од становите со години има намалена побарувачка“, вели експертот за недвижности.

Сепак, тој рече дека пренамената на класичните канцеларии, за кои има сè помалку потреба од пандемијата на коронавирус и зголемената работа од дома, нема да може да го реши проблемот со драстичниот недостиг на станови, туку е само „ чекор во вистинската насока“.
Според студијата на институтот Пестел од Хановер, на Германија моментално и недостигаат 700.000 станови, што е најголем недостиг на станови во последните 20 години.

Најголем недостиг владее во големите градови, каде недостигот на станови стана голем проблем за економијата, која сè потешко наоѓа сместување за квалификуваната работна сила.

Недостигот од станови се поврзува со доаѓањето на голем број бегалци и имигранти за потребите на пазарот на трудот, како и со драстичен пад во изградбата на нови станови.

Стагнацијата во станбениот сектор беше предизвикана од растот на каматите, недостигот на работна сила и поскапувањето на градежните материјали.