
Американската фирма за давање интернет услуги, Старлинк, е подготвена да навлезе и на пазарот во Босна и Херцеговина, потврди денес министерот за транспорт и комуникации на таа држава, Един Форто, по средбата со претставници на фирмата одржана во САД.
Форто обезбеди потврда за плановите за експанзија на Старлинк на Балканот при средбата со Ребека Хантер, директорката на Старлинк за нов пласман на пазарот, и со Пракул Капур, менаџер на компанијата.
“Беше истакнат взаемен интерес за што поскоро обезбедување на услугите на Старлинк или нивниот сателитски интернет во Босна и Херцеговина”, се вели во изјавата на Форто за медиумите, објаснувајќи дека тоа ќе се случи откако ќе се исполнат законските услови.
Владата на БиХ, исто така, има намера да ја зголеми соработката со Старлинк во полињата на е-влада, унапредување на здравствените услуги и изградба на систем за експресен одговор во случај на природни непогоди.
Не беше прецизиран временскиот период до кога БиХ би добивала сателитски интернет услуги, а пред тоа Старлинк мора да добие дозвола од Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.
Компанијата, предводена од милијардерот и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, со својата сателитска интернет мрежа ги покрива сите држави од Југоисточна Европа, со исклучок на Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, откако нивната услуга стана достапна за жителите на Косово на крајот на 2024 година.