Статистика: Над 795.000 лица лани вклучени во процес на неформално учење

32

kancelarii-za-obuki-pexels

Фото: Pexels

Во текот на 2016 година, 795.089 лица биле вклучени во процесот на неформално учење. Од нив 52% се мажи, додека 48% се жени, а најголемо учество во овој процес на учење е забележано кај лицата на возраст од 25 до 34 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2016 година, од вкупниот број на лица на возраст од 25 до 64 години во Република Македонија, 150.111 посетувале образование и доживотно учење, од кои 80.550 (53,6%) се мажи, а 69.561 (46,4%) се жени. Најголемо учество во образованието (44,7%) имаат лицата на возраст од 25 до 34 години, додека најмалку (9,4%) се застапени лицата на возраст од 55 до 64 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Стапката на лица кои учествувале во образование и обука, во 2016, изнесува 12,7, додека кај лицата на возраст од 25 до 34 години стапката изнесува 20,6.

Од лицата кои посетувале формално или неформално образование, 31,4% (47.082) посетувале формално образование, додека 81,7% (122.567) посетувале неформално образование. Со више и високо образование, формално образование посетувале 50,6% од лицата, додека неформално образование посетувале 60,6%. Според економската активност, 56,7% вработени лица посетувале формално образование, додека 87,6% посетувале неформално образование.

Според видот на активноста, од вкупниот број на лица кои посетувале неформално образование, 56,7% учествувале на работилници и семинари, 33,8% имале обука на работното место, додека 28,1% посетувале курсеви. Вработените лица (61,7%) најмногу посетувале работилници и семинари, додека неактивното население (79,6%) најмногу посетувало курсеви. Учеството во неформалното образование, поради
поврзаноста со работата, најмногу е забележливо кај лицата на возраст од 25 до 34 години (37,3%), а според половата структура, поголем процент на жени на возраст од 35 до 44 години (36,2%) посетувале неформално образование поради поврзаност со работата, во споредба со мажите (26,6%).