Статистика: Вкупно 71.519 активни деловни субјекти во 2016 година

22

prodavnica-pixabay

Фото: Pixabay

Бројот на активните деловни субјекти во Република Македонија, во 2016 година, изнесува 71.519 и во однос на 2015 година е зголемен за 1,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ова зголемување главно се должи на зголемувањето на бројот на активните деловни субјекти во секторот Преработувачка индустрија (328 субјекти), Градежништво (318 субјекти), како и во секторот Стручни, научни и технички дејности (357 субјекти). Во 2016 година, во однос на претходната, секторот Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли бележи мало намалување (127 субјекти).

Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2016 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 33,2% и Преработувачка индустрија со 11,1%. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 0,2% и Рударство и вадење на камен со 0,3%.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 79,3% имаат деловните субјекти со од еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број на вработени (без податок за вработени) со 11,3%, па субјектите со 10 – 19 вработени со 4,3%, потоа субјектите со 20 – 49 вработени чие учество изнесува 2,8 %, со 1,9% учествуваат субјектите со 50 – 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.