Стечајната постапка за охридски ЕМО привремено одложена

17

Стечајната постапка за одделните ДООЕЛ-и на охридски ЕМО ќе биде привремено одложена, поради нецелосно доставените финансиски резултати до привремените стечајни управници.

Според соопштението од управата на ЕМО, стечајната постапка се одложува за 16 јануари 2013 година, период во кој останува да се докомплетира документацијата за работењето до стечајните управници на одделните ДООЕЛИ на компанијата.

Од предлозите што ќе ги достават привремените стечајни управници, ќе зависи колку од ДООЕЛ-ите на ЕМО ќе останат со стечајна постапка, додека за самиот стечај ќе треба да се добие и судско мислење.

Во меѓувреме АД ЕМО продолжува со производството, со испорака на нарачаните материјали, кои што се претежно за извоз на електроопрема за пазарите во соседните земји и Италија, додека активностите на домашниот пазар се претежно од монтажерски карактер.

Предвидени се одредени активности со цел да се зголеми атрактивноста и привлекување на инвеститор, како што беше издавањето на акции преку кои се компанијата го помири долгот кон државата во висина од 4,16 милиони евра.

Истотака се предвидува и отпуштање на повеќето од 1500-те вработени во ЕМО, со целосна исплата на нивните заостанати плати, како и прогласување на технолошки вишок, на кои ќе им бидат исплатени надоместоци до нивно пензионирање.