Stellantis брендовите имаат 10 години да ја докажат својата вредност

39

Со настанувањето на Stellantis, се појавија голем број шпекулации околу тоа кои брендови ќе го преживеат спојувањето на FCA и PSA, а кои ќе бидат елиминирани.

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, сподели повеќе информации околу плановите на групацијата кога станува збор за брендовите на четвртиот најголем производител на светот. Говорејќи на Future of the Car самитот на Financial Times, Таварес истакна дека секој од премиум брендовите на групацијата ќе има период од 10 години за да се консолидира и да докаже дека е гаранција за ресурсите на компанијата.

“Ќе им дадеме шанса на сите, ќе им дадеме простор од 10 години и ќе им обезбедиме финансии за следната деценија за да создадат силна моделска стратегија. Извршните директори на брендовите ќе мора да бидат јасни во ветувањата, кон клиентите, целите и комуникациите. Ако успеат, одлично. Секој бренд ќе добие шанса да направи нешто различно и да привлече купувачи“, истакна Таварес, а пренесува Autocar.

Премиум брендовите ќе ја дефинираат сопствената визија

Тој исто така додаде дека секој бренд ќе добие силен и докажан извршен директор и шанса да си дефинира своја сопствена визија и насока за иднината. Кога станува збор за Alfa Romeo, Таварес беше мошне јасен: “Во минатото, голем број други автомобилски компании сакаа да ја купат Alfa. Во очите на тие купувачи, брендот има голема вредност. И во право се, Alfa Romeo има голема вредност“.

Alfa Romeo, DS Automobiles и Lancia веќе работат заеднички за нови модели кои ќе пристигнат во 2024 година, додека Chrysler, кој има вкупно два модели во својата понуда, ќе добие “нова иднина“. Ова јасно значи дека Stellantis нема да ги укине премиум брендовите, како што постоеја претходни најави. Stellantis не само што ќе ги задржи своите брендови, туку ќе вложи и големи напори за да им овозможи подобра иднина. Alfa Romeo има нешто подобра перспектива во однос на останатите брендови, пред се поради тоа што наскоро треба да пристигнат компактниот Tonale и помалиот Brennero кросовери. DS Automobiles исто така ја проширува својата постава со лансирањето на DS4 хечбек-кросоверот, додека улогата на знаменосец ја има новиот DS9 седан.

Останува да се види што ќе биде со Lancia. Италијанскиот бренд, кој според најавите ќе добие статус на премиум бренд, во последните години има само еден модел во својата понуда, малиот Ypsilon, но е активен само на домашниот пазар во Италија.

Преземено од Avtoplus.mk