Стопанска банка Битола со 16,9 милиони денари ја заврши ланската година

52

Стопанска банка Битола ланската година ја заврши со добивка од 16.968.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Добивката на банката во 2018-та година изнесуваше 34.430.000 денари.

“Стопанска банка Битола оствари позитивен финансиски резултат за 2019-та година, односно нето добивка во износ од 16,97 милиони денари. Ваквото остварување го надминува планот за 9,33%, што се должи на активностите за раст на продажбата на производи и услуги, умерено кредитирање со акцент на физички лица, микрокредитирање и мали и средни компании, воведување на конкурентни и иновативни депозитни производи, помала исправка на вредност на финансиските средства, позитивен ефект кај загубата за оштетување на нефинансиските средства, како и контрола на оперативните трошоци од работењето“, стои во Образложението кон остварениот финансиски резултат.

Нето приходите од камати, за периодот од први јануари до 31-ви декември 2019 година, изнесуваат 291,74 милиони денари, што, како што се наведува, претставува остварување на планот од 92,57%.

Нето приходите од провизии и надоместоци, како што стои во Образложението, се повисоки за 2,08% споредено со претходната година. Зголемувањето пред сè произлегува од картично работење и кредитирање, а реализацијата е повисока од планираната за 9,91%.

За периодот што следува, Стопанска банка Битола очекува кредитирањето на банкарскиот систем да се зголеми за околу 8%, додека подинамичен раст од околу 8,5% би имале депозитите.

Фото: Pexels