Стопанска банка со добивка од над милијарда денари го заврши првото полугодие

18

Стопанска банка Скопје, во период од први јануари до 30-ти јуни оваа година, евидентираше добивка од 1.094.209.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од минатата година, добивката на банката беше 951.556.000 денари.

“Во текот на првата половина од 2021 година Стопанска банка АД Скопје продолжи со успешното работење. Како резултат на тоа, на крајот на јуни 2021 година добивката пред оданочување изнесува 1.215.788.000 денари, што е зголемување за 15% во споредба со истиот период од претходната година“, стои во Анализа на финансиските резултати.

Нето приходите од камати изнесуваат 1.888.986.000 денари и се зголемени за 3% во однос на истиот период од минатата година, што, како што стои во Анализата, е резултат на зголемено кредитно портфолио и намалени расходи за камати поради надолниот тренд на каматните стапки.

Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 391.733.000 денари и се зголемени за 11% во однос на првото полугодие од 2020 година, како резултат на, како што стои во Анализата, зголемениот обем на активности, пред сè во делот на платниот промет.

Нето приходите од курсни разлики се зголемени за 28% во однос на истиот период од минатата година и изнесуваат 61.073.000 денари како резултат на зголемениот волумен на тргувања на девизниот и менувачкиот пазар.

Кредитите на други комитенти и побарувањата од други комитенти за првите шест месеци од годината остварија пораст од 4% и изнесуваат 73.728.721.000 денари. Кредитите на банки и побарувањата од банки изнесуваат 237.148.000 денари и бележат зголемување од 6%.

Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 85.093.853.000 денари и се намалени за 2%, пред сè поради сезонските влијанија што придонесуваат нивото на депозити на крајот на годината да е повисоко од вообичаеното. Доколку споредбата се направи со 30.6.2020 година, нивото на депозити на крајот на јуни 2021 година е зголемено за 1.920.328.000 денари.

Фото: Facebook