Стопанска комора: Недонесениот правилник за отпад причина за загуби од милиони евра

34

Сè уште недонесениот правилник за извоз, увоз и транзит на отпад е причина за загубите од милиони евра што ги трпат компаниите, јавува Миа.

Од стопанската комора на Македонија изјавуваат дека постапката за донесување на правилникот е почната пред речиси една година, но сè уште не е завршена, што значи неусогласеност на домашната со европската регулатива. Стопанските субјекти се целосно спречени во вршењето на својата дејност, а резултатот е секојдневно зголемување на финансиските загуби.

“Апелираме надлежните институции во најкус можен рок да ја усогласат регулативата. И покрај тоа што се донесени, законските измени не се применливи поради недонесувањето на подзаконските акти, односно правилникот за извоз, увоз и транзит на отпад”, реагираат од Комората.

Најголемите негативни реперкусии се јавуваат во реализацијата на увозот и извозот на металните отпадни суровини кои согласно постојните европски и светски регулативи се третираат како суровини, а не отпад, велат од Комората.

“Кај стопанските субјекти кои работат со метални отпадоци како основна металургиска суровина, производните активности во голема мерка се редуцирани. Во вакви услови, не може да ги планираат производните активности поради неможноста за непречено и континуирано снабдување со суровини”, се вели во соопштението.

Како што наведуваат од Комората, асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија, навремено иницираше и со свои мислења и сугестии активно партиципираше во донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад и во дефинирањето на текстот на Правилникот за извоз, увоз и транзит на отпад.