Стопанската комора го поздрави повлекувањето на Законот за прекршоци

21

Стопанската комора на Македонија го поздравува повлекувањето на Предлог законот за прекршоци од собраниска процедура, кој предвидуваше високи казни за компаниите.

Како што велат од Комората, новиот закон за прекршоци треба да се донесе, но според нив несоодветно е уредена материјата во делот на прекршоците, особено во делот на процентуалните глоби од 1 до 10 проценти од вкупните приходи остварени претходната година.

“Износите на казните треба да бидат фиксирани од минимален до максимален износ како што се предвидува во сите останати закони. Спорно е и тоа што во самиот предлог текст не беше прецизирано за кои видови на прекршоци ќе се определува процентуалниот износ на казна. Премногу е висока и мандатната казна која оди до 3.000 евра од причина што тоа се казни што се даваат на лице место”, рече Снежана Камиловска од Стопанската комора на Македонија.

Според Комората, другите спорни одредби од предложениот закон се и основната глоба која за разлика од сегашниот закон се предвидуваше да изнесуваше до 200.000 евра, како и привремената забрана за вршење на одредена дејност до три години.

Стопанската комората на Македонија смета дека материјата во делот на казните ќе биде ревидирана согласно нивните насоки.