Структурни и институционални реформи можат да овозможат побрз и одржлив економски раст во регионот

32

Гувернерката на Народната банка (НБ), Анита Ангеловска-Бежоска, ја одржа првата стручна презентација на годинешното издание на конференцијата Erste investors breakfast, којашто традиционално ја организираат Ерсте банка и Шпаркасе банка Македонија.

Во презентацијата, таа се осврна на улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, вклучително и на нашата економија.

Mеѓу другото, Ангеловска-Бежоска посочи дека во периодот по глобалната финансиска криза, централните банки во сите земји од регионот, вклучително и нашата, преку својата експанзивна политика дадоа значаен придонес за забрзување на растот и конвергенцијата на економиите. Како што истакна таа, намалувањето на основните каматни стапки и обезбедувањето дополнителна ликвидност придонесоа за олеснување на условите за кредитирање, а со тоа и за овозможување полесен пристап до финансирање.

Според гувернерката, ова приспособување на монетарните политики, особено во земјите со фиксен курс, делумно беше  овозможено од релаксираната политика на Европската централна банка (ЕЦБ), со која според очекувањата би се продолжило во понатамошниот период.

“Сепак, просторот за директна поддршка на економскиот раст преку монетарната политика во регионот е стеснет, во услови на веќе ниски каматни стапки и стеснет распон на каматните стапки во однос на каматата на ЕЦБ, но и во услови на зголемена глобална неизвесност“, изјави Ангеловска-Бежоска.

Во завршницата на презентацијата, таа укажа дека за остварување на потребното забрзување на реалната конвергенција, неопходно е во натамошниот период фокусот да се стави на структурните и институционалните реформи што ќе овозможат побрз и одржлив раст на економиите од регионот.

Инаку, на годинешното, седмо по ред издание на конференцијата Erste investors breakfast воведни излагања имаа министерката за финансии, Нина Ангеловска и претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев. На настанот учествуваа аналитичари и експерти од Групацијата Ерсте и Шпаркасе, како и експерти и аналитичари од домашниот финансиски сектор и претставници на финансиските регулатори. Тие, преку презентациите и во рамки на дискусиите ги изнесоа своите анализи и оцени за актуелните трендови во финансиската сфера на глобално и на регионално ниво, при што посебно се осврнаа на нашата економија.