Струшките земјоделци се запознаа со мерките во Програмата за рурален развој

29

Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството од Струга, изминатите денови пред струшките земјоделци ги презентираше мерките содржани во Програмата за рурален развој.
Советникот за организација на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од Струга, Слаѓана Калајџиеска – Бебекоска истакна дека земјоделците ќе мора да обрнат внимание на правилната употреба на вештачките ѓубрива, како и употребата на заштитните средства при користење на пестицидите.
“На овие трибини земјоделците се информираа за минималните мерки што треба да ги исполнат од областа на Добра земјоделска хигиенска пракса и тоа во делот правилна употреба на вештачките ѓубрива, пестициди и правилна употреба на личните заштитни средства при користење на пестицидите”, рече Калајџиеска – Бебекоска.
Калајџиеска – Бебекоска појасни дека струшките земјоделци покрај условите под кои мора да ги чуваат вештачките ѓубрива ќе бидат обврзани да водат и дневник за употребените ѓубрива.
“На земјоделците им беа презентирани и условите под кои треба да се чуваат вештачките ѓубрива и пестицидите, односно кои стандарди треба да ги исполнуваат објектите во кои се складираат гореспоменатите материи. Исто така земјоделците ќе имаат обврска да водат дневник за евиденција на употребените ѓубрива и пестициди и таквиот дневник да се чува минимум пет години и доколку овластените лица од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство побараат истата треба да им се достави”, додаде Калајџиеска – Бебекоска.
Трибините се одржани во 10 населени места, односно Корошишта, Радожда, Мислешево, Октиси, Луково, Биџево, Драслајца, Мороишта, Враништа, Ложани, а беа информирани 123 земјоделски производители.