Супериорно корисничко искуство е основната причина за спојувањето на Вип и Оне

223
ljusev 4
Никола Љушев, извршен директор на оне.Вип

Денеска е Ден 1 за компанијата оне.Вип. Новоформираната компанија која настана со спојување на Оне и Вип официјално стартуваше со работа. Договорот за спојувањето на подружниците на Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словеније Груп во Македонија беше објавен на 22 октомври 2014 година. Според тој договор, Телеком Австрија Групацијата поседува 55% и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија оне.Вип, додека Телеком Словеније Груп поседува 45% од сопственоста.

Што значи ова спојување за корисниците на услугите на двата оператори, за промените и плановите, зборува г. Никола Љушев, извршен директор на оне.Вип.

БИ: Што за крајните корисници на услугите од двата оператори значи спојувањето на Вип и Оне? Зошто се одлучивте за спојување со Оне?

Телекомуникациите се со сигурност најдинамичниот сектор во поглед на иновации, нови технологии и услуги, како и во поглед на брзина на промена на начините и регулаторните правила според кои тие услуги стануваат достапни на пазарот, односно до корисниците. Ваквите динамични промени, наметнуваат високи барања за операторите, кои за да останат конкурентни на пазарот неопходно е да бидат постојано во одлична инвестициска кондиција. Тргнувајќи од тоа дека на помалите „играчи“ на пазарот ќе им биде сè потешко да го следат чекорот со промените и трендовите, Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словение Груп се договорија да ги спојат своите подружници во Македонија. Новата компанија оне.Вип поседува доволен обем и капацитет кој ќе ѝ овозможи да продолжи во континуитет да инвестира во технологија, да ги следи во чекор светските индустриски трендови, како и да креира нови производи и услуги за корисниците. Со други зборови, токму обезбедувањето на супериорно корисничко искуство е основна причина за спојувањето на Вип и Оне. Дополнително, сметаме дека спојувањето стимулативно ќе делува и на конкуренцијата, поттикнувајќи ја креативноста во креирањето на понудите за корисниците, што секако ќе значи и нова етапа во развојот на пазарот. Во една реченица, од спојувањето добиваат сите, а најмногу корисниците. оне.Вип целосно ги презема сите права и обврски кои произлегуваат од досегашното работење на Вип и Оне, вклучувајќи ги и договорите кои корисниците ги имаат, а кои продолжуваат да важат под истите услови под коишто се склучени. Ова значи дека корисниците и понатаму ќе добиваат најдобри услуги, со највисок квалитет и непроменети цени, согласно тарифниот модел што го имаат избрано. Новата компанија оне.Вип ќе продолжи да ги обезбедува услугите за корисниците преку постојните мрежи, тарифни портфолија и продажни места на Вип и Оне, се до целосната интеграција на сите технички системи што се очекува да заврши до крајот на 2016 година.

ljusev 2

БИ: Колкав удел во пазарот ќе има оне.Вип?

Со спојувањето, оне.Вип станува компанија со широк опсег на понуди кои ги вклучуваат сите сегменти, од мобилната и фиксната телефонија, преку интернетот, па сè до телевизијата. Во одредени сегменти, како што се мобилните комуникации, со спојувањето, новата компанија оне.Вип ќе има, според последните официјални информации, вкупен пазарен удел од 52,77%, што ѝ овозможува лидерска позиција во однос на бројот на корисници, но не и во однос на уделот во приходи. Во делот на другите пазарни сегменти, фиксните услуги на пример, ситуацијата се разбира е поинаква во однос и на приходите и на бројот на корисници. Но, за мене побитно од пазарниот удел е фактот што со спојувањето новата компанијата оне.Вип прерасна во телекомуникациски оператор кој ќе опслужува корисници со над 1,3 милион договори за услуги во мобилната и фиксната телефонија, интернет комуникациите и телевизијата, што секако е исклучително сериозна задача, која сите ние во компанијата треба да ја извршуваме беспрекорно точно и ефикасно.

БИ: Дали по спојувањето ќе следува ребрендирање?

Процесот на целосна интеграција на сите системи на двете компании е сложен. Во тој процес, особено при спојувањето на техничките системи, неопходно е да се пријде внимателно и темелно, а за сето тоа неопходно е доволно време. Секако, ние очекуваме и планираме целиот овој интеграциски процес да се комплетира до крајот на 2016-та година. До тогаш, новата компанија оне.Вип ќе функционира преку постојните мрежи, билинг системи, тарифни портфолија и продажни места на Вип и Оне, а ќе бидат задржани и сите постојни брендови – Вип, Оне, Џабест, Близу и Бум ТВ.  Со оглед на релативно големата временска дистанца до целосно завршување на интеграцијата, сè уште е рано да се говори за можно ребрендирање и што тоа точно ќе опфати.

БИ: Спојувањето ќе доведе до дуплирање на менаџерските позиции. Дали новата компанија ќе има нова организациона структура или ќе се задржи менаџирањето од двете компании?

Организациската структура и управувањето на оне.Вип ќе биде структурирано според моделот на кластер организација кој веќе е применета во Вип оператор и во останатите подружници на Телеком Австрија Групацијата. Овој модел претставува современ и функционален модел на организациски менаџмент кој треба да овозможи полесно, поедноставно и побрзо функционирање на компаниите кои го сочинуваат т.н. кластер. Во овој модел, компаниите во Македонија – оне.Вип, Близу и Вип нет со аквизираните компании во Хрватска формираат еден кластер кој има една заедничка структура, која вклучува и заеднички менаџмент. Се разбира, сите функции неопходни за ефикасна и продуктивна работа и функционирање на оне.Вип се соодветно застапени и на тие позиции се назначени луѓе со соодветно работно искуство и ниво на неопходно знаење и вештини кои одговорат на новите предизвици со кои треба да се соочи компанијата во периодот што претстои.

БИ: Дали може да очекуваме нови промотивни понуди со пониски цени од новиот оператор?

ljusev 3Главниот фокус на новата компанија оне.Вип остануваат корисниците и нивните потреби и очекувања. Нашата задача е да ги предвидиме и пресретнеме тие очекувања и потреби и соодветно на тоа да креираме понуда и услуги кои ќе генерираат супериорно корисничко искуство. Таа задача од нас бара многу креативност и иновативност, пристап во кој сметаме дека сме најсилни и кој ќе ни овозможи да креираме нови конвергентни понуди преку комбинација на современи мобилни комуникации, фиксен пристап за интернет и ТВ, со најдобар однос цена-квалитет на пазарот. Дефинитивно во наредниот период ќе бидеме насочени кон создавање на конвергентни производи – дел од пазарот кој имаме простор да го развиваме, но ќе се насочиме и кон деловни можности кои досега не сме ги експлоатирале користејќи ја синергијата што ја имаме на располагање од страна на Америка Мовил, Телеком Австрија Групацијата и кластерот.

БИ: Пред една година го купивте Близу, сега се споивте со Оне. Дали планирате својата позиција да ја зацврстите со уште некоја аквизиција овде или во регионот?

Стратегијата за настап на пазарите во регионот, вклучувајќи го и домашниот пазар, ја одредува Телеком Австрија Групацијата, врз основа на сериозни и долгорочни, длабински анализи на голем број параметри што го дефинираат потенцијалот за понатамошен развој на пазарот. Кога вака ќе се погледне на работите, тогаш не може ништо однапред да се прогнозира, ниту да се отфрли како опција. Должни сме на нашите акционери да им донесеме органски раст, преку раст на вредноста која ја имаме со моменталните средства, но не се исклучува можноста и за неоргански раст по пат на аквизиции на помали оператори. Она што е сигурно, сите чекори, вклучувајќи ја и оваа интеграција, треба да донесат нова вредност за корисниците и пазарот, а тоа е, ќе се сложите, најважно. Сето останато е само начин како тоа да се постигне.

БИ: Има ли место за уште еден оператор на македонскиот пазар по ова окрупнување?

Податоците за состојбата на пазарот, особено во сегментот на мобилните комуникации, покажуваат дека, во последните неколку квартали бројот на активни корисници во мобилната телефонија постојано опаѓа. Тоа е еден од клучните индикатори дека пазарот во овој сегмент покажува знаци на заситување. Во вакви услови, се прашувам каков би бил мотивот на инвеститорите да вложуваат во нови компании, односно нови мрежни оператори со своја инфраструктура, особено во време кога и постојните преземаат чекори и стратегии со кои сакаат да ја зајакнат сопствената пазарна позиција со тоа што ќе ги привлечат и задржат своите корисници. Сепак, оне.Вип, согласно преземените обврски кон надлежните државни тела и агенции, треба да овозможи влез на нов виртуелен мобилен оператор на домашниот пазар, со тоа што ќе му овозможиме да ја користи нашата мрежа. Тоа е обврска што сме ја преземале и ќе ја исполниме во предвидениот рок, односно до средината на следната година.