Светот ќе троши 23 отсто повеќе енергија до 2045 година! Шефот на ОПЕК: Ќе нѝ требаат и нови технологии и секакви извори на енергија

Глобалната побарувачка за енергија ќе се зголеми за 23 отсто до 2045 година, изјави денеска на конференција во Нигерија генералниот секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) Хајтам ал Гајс.

– Тоа значи дека ќе ни требаат секакви извори на енергија – додаде шефот на ОПЕК, пренесе Ројтерс.

Според неговото мислење, до 2045 година во глобалната нафтена индустрија треба да се инвестираат 11 трилиони евра, што е далеку од сегашната ситуација.

Во исто време, тој додаде дека на светот му е потребна нова технологија за борба против штетните емисии од согорувањето на фосилните горива.

– Ќе ни требаат иновативни решенија како зафаќање и складирање на јаглерод, како и проекти базирани на водород – рече Хаитам ал Гаис.

Извори блиски до ОПЕК изјавија дека оваа организација најверојатно ќе задржи оптимистички поглед на растот на побарувачката на нафта во следната година во својот јулски извештај, наведува британската агенција.