Светскиот туризам “потона“ за 730 милијарди долари

Во светот поради пандемијата и ограничување на патувањата за осум месеци беа за 70% или околу 700 милиони меѓународни туристички посети помалку во однос на истиот период лани, соопшти Светската туристичка организација на Обединетите Нации (United Nation World Tourism Organization – UNWTO).

Само во јули оваа година, според податоците на UNWTO, меѓународните туристички патувања во светот беа 81%, а во август 79% помалку во однос на истите месеци лани, за коишто се знае дека се традиционално најпрометни за туризам во една година.

“Падот до крајот на август оваа година од 70% или 700 милиони помалку меѓународни патувања во светот, во однос на истиот период лани, значи и загуба од околу 730 милијарди долари во меѓународниот туризам. Тоа е осум пати поголема загуба од глобалната економска и финансиска криза во 2009-та година“, велат од UNWTO.

Според експертите, тоа остава и социјални и економски последици бидејќи доведува до опасност милиони работни места во компаниите, поради што се наметнува итна потреба за рестартирање на туризмот на координиран начин.

Анализирано по региони, Африка и Блискиот Исток имаат пад на странски туристи за 70%, во Европа е 68%, а во Америка 65%.

Се верува дека туризмот би можел да закрепне дури за две години.

Фото: Freepik