ТАВ ги промовираше македонските аеродроми во Косово и Јужна Србија

20

ТАВ има амбиција Александар Велики да го претвори регионален аеродром што ќе опслужува дури 4,3 милиони патници годишно.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски и менаџерот за маркетинг и развој Зафер Меше неделава во Приштина и во Врање ги презентираа можностите на скопскиот аеродром, во обид да привлечат повеќе патници од Косово и Јужна Србија. На промоциите двајцата претставници на ТАВ пред локалните медиуми на туристичките агенции од регионот им понудија долгорочна соработка. Имајќи ги предвид интересите на патниците и туристичките агенции во Косово и Јужна Србија, двајцата менаџери се осврнаа на капацитетите на аеродромот, високиот квалитет на услугите и можностите за летање по ниски цени од Скопје до поголемите европски центри.

Скопскиот аеродром Александар Велики со авиолинии во моментов е поврзан со аеродромите во Анталија, Анкона, Амстердам, Белград, Бергамо, Брисел, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ерџан, Ајндховен, Истанбул, Измир, Љубљана, Лондон, Малме, Мемингем, Мулуз, Палма де Мајорка, Рим, Сабиха Ѓокчен, Штутгарт, Тревизо, Виена, Загреб и Цирих. Од есенва преку Виз Ер од скопскиот аеродром по цени кои почнуваат од 10 евра ќе се лета до шест нови европски метрополи, а преку компанијата на Флај Дубаи македонскиот главен град е директно поврзан со Дубаи.

Промоциите на ТАВ во регионот се дел од одбележувањето една година од пуштањето во употреба на најновиот и најмодерниот аеродром во регионот, Александар Велики во Скопје и имаат за цел тој да стане регионално авио-пристаниште на овие простори.