Техникал текстајлс со почетна инвестиција од 12 милиони евра во ТИРЗ Штип

40

1a

Германската компанија за стаклени влакна Техникал текстајлс денеска најави почетна инвестиција од вкупно 12 милиони евра. Изградбата на објектот од 9.000 метри квадратни треба да почне идниот месец, а планираното производство најдоцна во мај 2015 година.

Како што рече денеска сопственикот Џенс Ванланд, за почеток ќе бидат вработени 500 до 600 лица кои веднаш, по изборот во октомври-ноември, ќе се испратат на обука во Словачка. Доколку фабриката работи добро, бројката ќе достигне преку 1.000.

„Сакаме што поскоро да почнеме со производство. Гледаме голема иднина во Македонија, особено од аспект на економијата. Ова е многу добро место за инвестирање. Ако стартуваме добро, ќе повлечеме и други вложувачи тука, наши партнери“, нагласи Ванланд.

Според него, причините за вложување во Македонија се, пред се, исклучителните даночни поволности.

Објектот во ТИРЗ Штип ќе го гради македонска компанија, но утре ќе се знае која. Моментно течат разговорите.

Ванланд за 2015-та најави изградба на уште еден погон, вреден дополнителни 12 милиони евра.

Техникал текстајлс најпрво сакаше да инвестира во Абу Даби, но се откажа поради сложените, бирократски процедури. Сопственикот потоа ја одбрал Македонија откако во авион, во германско економско списание, прочитал за условите и можностите што ги нуди земјава за странските вложувачи. Првите контакти на компанијата со директорот на Дирекцијата за технолошко-инустриски развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо беа направени на почетокот од годинава.

Според Мизо, во првите шест месеци од годинава извозот од технолошко-индустриските развојни зони достигнал 550 милиони евра, а само во јули 90 до 100 милиони. Од Техникал текстајлс во 2015-та се очекува извоз од над 250 милиони евра.