Телеком со зголемена нето добивката за 5,1% во првиот квартал од 2019

29

Македонски Телеком оствари позитивни трендови во работењето во првите три месеци од 2019 година, зголемена е профитабилноста, а компанијата континуирано има пораст на бројот на корисници на широкопојасен интернет, во IPTV сегментот и мобилните услуги.

Приходите од продажба се зголемени за 0,7% и изнесуваат 2.519 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) на крајот од првите три месеци од 2019 година е благо намалена за 0,8% во споредба со претходната година, додека нето добивката за првите три месеци од 2019 година бележи раст од 5,1%.

Пораст на корисници на широкопојасен интернет, на IPTV и мобилни услуги, се шири оптичката мрежа до повеќе домаќинства

Компанијата има позитивен тренд на движење и пораст на приходите од малопродажен интернет и од дигиталната телевизија. Приходите од малопродажен интернет се зголемени за 2,8%. На крајот од првите три месеци од 2019 година  има пораст на корисниците на широкопојасен интернет за 5,2%, а вкупниот број изнесува 197,5 илјади корисници.

Приходите од дигиталната телевизија пак, се зголемени за 14,4%. Истовремено, продолжи трендот на пораст на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Интернет&ТВ и други ТВ услуги) за 9,4%, што на крајот од првите три месеци од 2019 година резултира со база од 130,3 илјади корисници.

Македонски Телеком континуирано инвестира во оптичката мрежа, а како резултат на посветеноста за ширење на најнапредната технологија којашто овозможува супер брз интернет, компанијата бележи пораст од 8,3% на семејствата покриени со оптика спредено со истиот период изминатата година. Инвестициите во инфраструктурата, на крајот од првите три месеци од 2019 година придонесоа дури 31,6% од домаќинствата во Македонија да имаат пристап до оптиката на Македонски Телеком.

Зголемен уделот и на претплатници во мобилната мрежа, пораст на приходите од неговорни услуги

Македонски Телеком во првите три месеци од 2019 година, го зголеми и уделот на претплатници на мобилна телефонија за 1,2%. Компанијата има 1.188 илјади претплатници и удел од 49,6% на пазарот на мобилната телефонија, според интерна проценка. Приходите од мобилни неговорни услуги на крајот од првите три месеци од 2019 година се зголемени за 10,8% во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

“Со континуирана посветеност да обезбедиме квалитетна и сигурна инфраструктура и комуникациски услуги успеавме да оствариме уште подобри резултати во првиот квартал од 2019 во однос на истиот период минатата година. Позитивен тренд е присутен во повеќе сегменти од нашето работење. Имаме зголемување на бројот на претплатници на широкопојасен интернет, на IPTV корисниците, континиурано ја шириме и оптичката мрежа со што обезбедуваме пристап до врвна технологија и супер брз интернет. Во таа насока, следејќи го интересот на корисниците во наредниот период ќе се фокусираме на конвергентните услуги и ќе настојуваме оптичката мрежа да стане достапна за  поголем број на граѓани на државата. Остануваме посветени на подобрување на инфраструктурата како основа за развој на новите технологии и услуги“, изјави главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.